Рецепт за убав ден на Теона Манго

Младата битолчанка Теона Манго која е вљубена во модата, фотографијата, блогерството и патувањата денеска ни го открива нејзиниот супер рецепт за убав ден 🙂

Имам една мотивациска порака која ме води секојдневно и вака гласи: „До тебе е, дали ќе видиш убавина во секојдневните нешта”. Но, постојат и нешта кои знаат вистински да ми го разубават секој ден и се трудам да ги практикувам: да се израдувам на утринската светлина, да купам свежо цвеќе и да го ставам во вазна, да читам инспиративни книги, да се сретнам со моите драги луѓе, а ако ги немам во близина, да се опкружам себеси со фотографии од нив и некои прекрасни места, да патувам вистински или со мислите, да подарам нешто, да бидам благодарна, да направам нешто за прв пат, да најдам време за нешто што долго го одложувам, да запалам навечер ароматична свеќа и да уживам во омилениот чај… Но, и да се излежувам во када со многу пена, да му се јавам на некој кој ме прави среќна, да му испратам порака на оној кој го сакам, порака која ќе го насмее, да го сакам секое време – ако врне да ставам гумени чизми и да прошетам, ако е сончево да седнам во некој парк, ако е облачно да седнам во некоја кафетерија и да си нарачам чаи лате.