ЖивотУбави совети

Јас сум мајката, ова е мое дете и ќе правам што сакам!

Никогаш не помислив дека кога ќе станам мајка ќе бидам постојано пред очите на другите луѓе, дека многу прсти ќе бидат вперени во мене, дека постојано некој ќе бара причина за да ме искритикува.

Приказната започна кога останав бремена. Само што гинекологот ми го потврди тоа, им кажав на моите најблиски и не можев да си ги приберам солзите од среќа. И веднаш почнаа муабетите од типот: „Зошто кажуваш? Па, не се кажува до трет месец“, „Носи ја долната облека однаопаку, да те почуди некој“, „А добра ли си?“. Си мислев што им е на луѓево… Секако дека сум добра, само што можев да заспијам стоејќи.

Кога започнав да повраќам, тетките станаа како трите наречници. Едната секој ден ме тераше да пијам некаков лек со мед, другата постојано ме потсетуваше да не пијам газирано и да не јадам благо, третата на секој половина час ми пишуваше порака за да ме праша дали сум добро и да ми спомне дека треба да пијам течности за да не дехидрирам од толку повраќање. Аман жено, дехидрирав од твоите пораки!

Кон крајот на бременоста, се изнаслушав муабети како од хорор филм. Најбезосетни беа колешките на работа. Постојано раскажуваа колку неиздржлива била болката за време на породувањето… Пфф, ете сте, сте издржале, си велев, сигурно не е толку страшно. И тамам си мислев сето ова ќе помине штом родам, на свет дојде Даријан. И наместо сите очи да се вперат кон него, тие останаа вперени кон мене.

Мајка ми ме тераше да јадам неколку килограми овошје и зеленчук за млекото да ми било со витамини. Добро де, и со некој пестицид. Свекрва ми викаше да не го бањам навечер, сум му го земала сонот. Сестра ми која пази и се уште не е мајка ми купи некоја книга за одгледување на дете која само што ми ја даде, ја фрлив бидејќи на неа имаше наслов: „Бебе – упатство за употреба“. Ми доаѓа да опцујам, па не купив микробранова печка со илјада функции, родив дете.

Првите месеци минав вистински пекол. Во мојот живот луѓето се поделија на две страни, едните навиваа за широк повој, другите не. Едните ме советуваа да дадам кашичка на 4 месеци, другите ме молеа да дојам додека имам млеко. Едните сметаа дека личи на мене, другите дека личи на татко му. Едните му купуваа пластични играчки оти биле добри за развојот, другите огромни плишани мечки оти пластиката не била за деца. Едните ми велеа дека детето премногу ми спие и дека треба да го однесам на доктор, другите ми велеа дека е бледичко оти малку спие… Едните ми трубеа дека треба да го шетам на сонце, другите ми велеа дека никако не смеам да го вадам на сонце, оти ултравиолетовите зраци се многу штетни. Едните ми велеа дека не смее да гледа цртани оти ќе развие зависност, другите ме тераа да му пуштам цртани за да било мирно. Едните ми велеа да не го бакнувам на усте, другите да го бакнувам, така се поврзувале мајките и децата. Листата е долга, а мене хормоните хаос.

И едно утро, додека после долго време успеав да испијам кафе во тишина бидејќи мојот син се успа си реков во себе: Доста ви е! Ич не ме интересира што имате да кажете, ова е мое дете, јас сум мајката и ќе правам како што ми говори инстинктот. Ако за нешто не сум сигурна, ќе се јавам кај докторот. Не можам да ве слушам сите вас кои мислите дека ако сте изгледале едно дете, внуче или братче мислите дека знаете сè за воспитувањето и одгледувањето на деца. Нема да доозволам да ми правите чорба во главата. Слободно, мислете дека сум себична. Тоа е ваш проблем, а не мој!

 

Поврзани статии

Back to top button