Од насУбави совети

Технологијата ни ја уби романтиката…

Пред петнаесетина години, можеби некоја плус, некоја минус, технологијата полека и тивко влезе во нашите домови… Се смести удобно, се рашири, ни го зеде просторот, ние се навикнавме на неа и сега не можеме без неа.

Колку и да негираме, станавме зависини од интернет, од нашите смарт телефони, таблети, преносни компјутери.

И можеби животот стана полесен, информациите подостапни, комуникацијата доби нови форми и канали за испраќање на пораки, но, за сметка на тоа нашите спомени ги нема. Станавме роботи во ера каде и чувствата се на рамниште со некој познат бренд.

Сме сакале да признаеме или не, развојот на технологијата, паметните уреди, интернетот, разните апликации ни ги убија спомените. Ајде вака, кога последен пат сте биле во некое фото студио за да развиете фотографии? Се сеќавате ли на моментот кога го фрливте в канта апаратот со филм бидејќи го заменавте со дигитален? Сте му купиле ли некого албум за подарок?

А, што е со писмата? Со разгледниците? Смешно е денеска на некој да му испратите разгледница по пошта, нели? Оти си честитаме празници и родендени на Facebook, со слики кои ги наоѓаме на Google. Кој знае што ќе се случи ако пронајдете љубовно писмо во сандачето… Ќе помислите ли дека можеби некој ве следи? Технологијата ја уби романтиката. И спонтаноста. И спомените. Во тоа никој не може да ме разубеди.

Веќе не ја чувствуваме онаа еуфорија кога сме очекувале да излезе касетата или дискот на нашиот омилен пејач. Не дремиме со часови пред радио или телевизија за да ја снимиме на касета нашата омилена песна. Не се јавуваме во радио станиците за да прашаме која е песната оти имаме Shazam… Не ги запишуваме рецептите на баба оти на интернет има сè… Не се слушаме толку често со нашите драги луѓе, оти си праќаме стикерчиња одвреме-навреме… И сè така…

Искрено, чувствувам огромна жал за генерациите кои доаѓаат и кои никогаш нема да дознаат колку интересен и романтичен беше начинот на животот пред појавата на интернетот, за тоа дека никогаш нема да дознаат што значи да чекаш симпатијата да ти се јави на фиксен телефон и да излезете заедно во паркот гледајќи се очи в очи, наместо да зјапате во мобилните телефони…

Поврзани статии

Back to top button