Од васУбави муабети

Имате навика да прашувате парови: “Кога планирате деца?” По овој текст, тоа веќе нема да ви падне на ум!

“Монентално уживаме во фактот дека сме само ние двајца заедно. Ние сакаме да патуваме и да шетаме слободно. Во моментов се фокусираме на кариера…”

Ова се само некои од оправдувањата што ги користев кога некој од блиската фамилија, пријателите и кумовитее ќе ме прашаа кога планирам да раѓам деца. Со грда лажна насмевка одговарав на сите тие недолични прашања. Но, човек сум нели, па ни јас не успевав секогаш да ја задржам таа маска. Не издржав еднаш и ѝ реков на тетка ми: “Тоа не ти е работа, и тоа не е така лесно за секого”. Тоа утро штотуку добив циклус. Повторно.

Ми велеа дека нема да бидам секогаш млада и дека мојот биолошки часовник отчукува. И јас добро го знаев тоа. И навистина не ми требаше да го слушам тоа и од некој друг.

Да се остане бремена не е лесно, освен ако не сте исклучително плодна дваесетгодишна девојка, која може да забремени и само од приказна за бременоста. Кога ќе се собере сè, шансата дека жената во доцните дваесетти години веднаш останува бремена, воопшто не е голема ако ги земете предвид сите проблеми со репродуктивните органи што ги имаат жените денес. И јас бев една од нив.

Се сеќавам на тој ден, како да беше вчера. Морав да одам на работа по посетата на гинекологот и јас тогаш мислев дека тоа е тоа – за нас. Едноставно ние нема да имаме деца. Мојот сопруг, вечен оптимист, рече дека ќе ги пробаме опциите што ни ги предложија и дека сè уште не треба да се затоври темата – дете. Ние, исто така, размислувавме и зборувавме и за посвојување. Ни беше кажано дека овој процес е уште подолг и посложен.

Вештачкото оплодување е ужасно стресен процес. Тоа е најинванзивниот, најскапиот и најболниот ролеркостер на кој некогаш сум била. Ме скрши. Секој кој поминува преку овој процес инвестира толку многу, и финансиски и емоционално за на крајот, да стане опседнат со резултатите.

Кога имате потешкотии да останете бремени, ви се чини дека  сите околку вас одеднаш се бремени. Лесно е да се биде среќен за нив на почетокот, но со текот на времето, кога сите освен тебе успеваат, станува болно.

Но, по една година, едно утро станав и без какво било очекувања го направив тестот. Кога се појави втората линија, се вратив назад во кревет и почнав да паничам, го разбудив мојот сопруг. Без ниту еден кажан збор, тој знаеше што значи мојата паника и што сакам да кажам. Моето лице му беше кажало се. Ние сме среќни што успеавме да ја освоиме најголемата битка.

Но, постојат многу парови кои се обидуваат со години. Некои од нив можеби никогаш нема да успеат. А што е со оние двојки кои едноставно не сакаат деца? Или со оние кои имаат едно и едноставно не можат да си дозволат второ дете? Или со оние на кои им е најтешко – кои го изгубиле детето пред да се роди?

Дури и откако го добивме толку многу посакуваното дете, не престанаа недоличните прашања “И кога второ дете?”

Значи, следниот пат кога ќе посакате да поставите вакво прашање на млад брачен пар или двојка која е во врска десет години, воздржете се. Голтенете го својот јазик. Не давајте ниту коментар за времето. Тое е нешто што нема да им помогне, само ќе им додаде сол во раната. Затоа што никогаш не знаете што навистина се случува зад нечија затворена врата.

Испратете и вие ваш текст на info@ubavo.mk

Поврзани статии

Back to top button