Убави книги и филмови

Петок е ден за добра книга!

За денес предлог три супер возбудливи книги кои со сигурност ќе допрат до вашите срца уште на прва страница.

Е, баш ме заболе (Марк Менсон) Во оваа книга-водич за самопомош, што дефинира една цела генерација, авторот, кој е суперѕвезда во блогерските кругови, не нè замајува со глупости од типот дека треба постојано да се обидуваме да бидеме „позитивни“, за навистина да станеме подобри и посреќни луѓе. Веќе со децении ни се сервира тезата дека позитивното мислење е она клучното што води кон среќен и исполнет живот. Но, Марк Менсон вели: „Море кој ја ’врти‘ позитивноста. Да бидеме искрени – нештата се зафркнати, но немаме друг избор освен да живееме со нив онакви какви што се“. На неговиот многу популарен блог на интернет, Менсон ниту ја бојадисува стварноста во розово, ниту ја заобиколува. Тој ги изложува работите токму онакви какви што се, што е една вистинска доза необработена, свежа и искрена вистина – нешто што денес навистина ни недостига. Менсон ја изнесува и ја брани тезата дека луѓето, според природата на работите, се суштества со свои мани и ограничувања. „Не може секој да биде исклучителен –општеството е сочинето од победници и губитници, а нешто од сето тоа ниту е фер, ниту, пак, е по твоја вина.“ Неговиот совет до нас е да си ги препознаеме и да ги спознаеме нашите ограничувања и да ги прифатиме – и дека токму тоа, вели тој, е вистинскиот извор на моќ со кој може да се стекнеме. Откако еднаш ќе ги прифатиме нашите стравови, грешки и несигурности – откако ќе престанеме да бегаме и да ги избегнуваме болните вистини, туку ќе почнеме да се соочуваме со нив – дури тогаш можеме и да тргнеме во потрага по храброста и самоувереноста по кои трагаме толку очајно. „Во животот се соочуваме со мошне ограничен опсег на работи за кои треба да ни е гајле. Оттука, мораме да бидеме многу мудри во поглед на изборот за што треба да ни е гајле, а за што не.“ Менсон преку оваа книга комуницира со читателот многу непосредно и директно, а четивото е исполнето со мноштво интересни приказни и со хумор „без влакна на јазикот“. Овој своевиден манифест во исто време е и една освежувачка шлаканица в лице за секој од нас, што по прочитувањето може да ни овозможи да почнеме да живееме поисполнет и потрезвен живот. Марк Менсон е многу познат блогер, чијшто блог го имаат посетено повеќе од два милиони читатели. Живее во Њујорк. „Баш ме заболе – како да не ти е гајле за неважните нешта“ е негова прва книга.

Без сон: шест смртонсони раскази (П. Д. Џејмс) Култната ,,кралица на кирми-приказните”, П.Д. Џејмс, е вистинска господарка на својот занает, преплетувајќи мотиви од златната доба на крими-расказите со сериозни психолошки анализи и притоа создавајќи возбудливи и тензични приказни. Не е секогаш толку важно кој е убиецот. Понекогаш, мистеријата е во прашаето зошто или како е направено убиството. А, што се случува со оние што минуваат незабележано, оние што успеале да го испланираат и да го изведат совршеното убиство? Оние што откриваат, но молќат за тоа, оние што препознаваат, но не соопштуваат? Во шесте раскази преставени во оваа книга ќе пронајдете токму вакви мотиви. Тоа се раскази во кои низ спомени, низ мисли и низ соништа, се доближуваме до мотивите, причините и последиците на убиствата. П.Д. Џејмс мајсторски ја создава оваа кратка наративна форма, со внимателно осмислени приказни, трпеливо изведени мотиви, убедливи сценарија и прецизни дејства со пресврт што навистина ќе ве остави без сон.

Список за душа (Кејси Вест) Летниот распуст на 17-годишната Аби Тарнер не се одвива според нејзините планови. Таа чувствува нескриена наклоност кон нејзиниот најдобар другар Купер. Исто така, не може да се справи со растечката анксиозност на мајка си. Згора на тоа, ја одбиваат да учествува на уметничка изложба затоа што нејзините слики ,,немаат душа”. Па, кога добива нова шанса да го претстави своето ликовно творештво, се чини дека Аби ќе ја пропушти и таа можност. Во меѓувреме, на сцената стапува списокот. Себеси си дава период од еден месец за да направи десет нешта, на пример, да се соочи со страв (бр.3), да ислуша приказна на непознат човек (бр.5) … да се вљуби (бр.8). Аби верува дека ако ги искуси овие нешта – ќе прерасне во уметникот што отсекогаш посакувала да стане. Но, како што наближува крајниот рок, Аби сфаќа дека мисијата не е лесна како што и се чинело и дека, веројатно, не може да ја промени својата уметност ако не е подготвена да се промени себеси.

Поврзани статии

Back to top button