Рецепт за убав ден на Бојана Стојменовиќ

Денешниот рецепт за убав ден го споделува Бојана Стојменовиќ- психолог, семеен и системски советник. 

Рецепт за убав ден ? Мислам дека се уште го немам откриено совршениот рецепт за убав ден, но секој ден настојувам денот пред мене да ми биде поубав и поуспешен од претходниот. Да започнеме со утрото. Сите ние имаме огромна моќ во себе, а тоа е моќта да донесеме одлука. Така, ние можеме да одлучиме со какви мисли ќе го започнеме денот веднаш штом ќе скокнеме од креветот. Доколку се одлучиме за негативни мисли и сакаме да имаме убав ден, тоа е како да си даваме автогол. Потоа денот го продолжувам со утринските ритуали, голема шоља топло кафе со млеко, и планирање на денот кој следува. Работните обврски ми го исполнуваат поголемиот дел од денот, но искрено тоа не ми пречи, туку ме радува. Најверојатно е вистинита онаа изрека која гласи дека доколку ја работиш работата која што ја сакаш- нема да се почувствуваш дека работиш. Работните денови не ми се исти, туку сите ми се исполнети со различни активности, ангажмани и работа со клиенти. Секој ден ми е различен и во таа динамика јас го наоѓам предизвикот и убавото. Вечерта обично ја поминувам читајќи добра книга, со најблиските или пак гледајќи некој филм. Дел од вечерните часови задолжително си ги посветувам на себе и често правам рефлексија на изминатиот ден, неделата или месецот. Ако сето ова го споиме во рецепт за убав ден, тогаш тој би изгледал вака:

  • 10 реченици убава позитивна мисла
  • Се додаваат неколку насмевки по желба
  • Сето тоа добро се меша со голема количина на топло кафе (засладено по желба)
  • Се додава малку љубезност кон блиските, партнерот, колегите…
  • Минимум 5 прегратки!
  • Два пати во текот на денот земи си пауза од 20 минути за да се релаксираш.
  • На крајот од денот помини еден час со луѓето кои ги сакаш
  • Насмеј се два пати и заблагодари се што имаше таков убав ден.