Убави книги и филмови

Книги со интересни приказни кои ќе ве заинтересираат и нема да можете да ги оставите се до последната страница

Избравме неколку книги со интересни приказни кои ќе ве заинтересираат и нема да можете да ги оставите се до последната страница. Книги кои ќе ги засакате уште од првата страница…

Знаеш ли да чуваш тајна? (Софи Кинсела) Запознајте се со Ема Кориган, млада жена со огромно срце, нескротлив дух и неколку мааали тајнички. Тајни што ги крие од нејзиниот дечко (како на пример тоа дека нема баш 52 килограми), тајни што ги крие од нејзината мајка (како на пример тоа кога и каде ја изгубила невиноста). Тајни што не би ги споделила со никој на светот, како на пример тоа дека истура кафе во цвеќето на злобната колешка на работа секогаш кога ја вади од такт. Сè додека не се најде во опасна ситуација за време на еден лет, па мислејќи дека авионот ќе се урне, во паника му се исповеда за сè по ред на непознатиот тип до неа. Но само неколку дена подоцна, се покажува дека тој не е толку непознат. Впрочем, Џек Харпер е милионерот кој ја поседува компанијата каде што работи Ема – значи, нејзин директор. И тој сега го знае секој најмал понижувачки детаљ за неа…

Вагонот со сираци (Пам Џеноф) Моќна приказна за пријателството, која се одвива во циркус кој патува низ Европа за време на Втора светска војна. Вагонот со сираци ни ги раскажува приказните на две исклучителни жени, приказни за жртвување и преживување по секоја цена. Шеснаесетгодишната Ноа ја бркаат од дома откако останува трудна од германски војник и ја принудуваат да се откаже од бебето. Немајќи друг избор, таа живее во мала железничка станица, каде што работи како чистачка за да си го заслужи престојот. Кога Ноа наоѓа вагон со бебиња Еврејчиња товарени за патување до некој концентрационен логор, одеднаш се потсетува на детето што ѝ било одземено. Импулсивно грабнува едно од бебиња и бега во ноќта, и тој момент засекогаш ќе ѝ го промени текот на животот. Ноа наоѓа засолниште во германски циркус, но мора да научи да изведува точки на летечки трапез за да се вклопи и да не биде забележана од непријателот, а со ова ѝ боде око на главната акробатка, Астрид. Ноа и Астрид најпрво се ривалки, но набрзо се зближуваат како сестри. Меѓутоа, војната е премногу опасна за сите во циркус кој крие Евреи, па Ноа и Астрид мора да решат дали нивното пријателство ќе биде доволно за да ги спаси – или тајните што горат помеѓу нив ќе уништат сè.

Песната на печните птици (Лиса Вингејт) Книгата е базирана на вистинска приказна за еден од најморничавите светски скандали во кој директорка на здружение на сиропиталишта киднапирала и продавала сиромашни деца на богати семејства низ цела Америка. Мемфис, 1939. Дванаесетгодишната Рил Фос и нејзините четири помали сестри и братче имаат прекрасен живот на нивниот семеен брод-куќа на реката Мисисипи. Но една вечер, за време на страшна бура, кога татко им мора да ја однесе нивната мајка во болница и ја оставаат Рил како најголема да ги чува помалите деца, одеднаш се појавуваат непознати луѓе. Децата од семејството Фос се нагло и злобно оттргнати од сè што им е познато и завршуваат во сиропиталиште. Иако таму ги уверуваат дека наскоро ќе бидат вратени кај нивните родители, тие набрзо ја сфаќаат мрачната вистина. Соочена со злобата на директорката на институцијата, Рил се бори да не дозволи нејзините сестрички и братче да бидат разделени. Јужна Каролина, сегашност. Ејвери Стафорд е родена во богато и привилегирано семејство, па има сè што може да посака: успешна кариера како обвинител, згоден вереник и раскошна свадба на повидок. Но кога Ејвери се враќа дома за да му помогне на татко ѝ во здравствена криза, една случајна средба ѝ буди рој прашања и ја тера да започне патување низ долго криеното минато на нејзиното семејство. Оваа прекрасна приказна на Лиса Вингејт ни покажува дека иако животните патишта можат да нè однесат на многу различни места, срцето никогаш не заборава каде припаѓаме.

Поврзани статии

Back to top button