ДомУбави совети

Идеи за пролетно уредување на балконот

Пролетта полека доаѓа и сите сакаме што повеќе време да поминуваме надвор. Сигурни сме дека обожавате првото утринско кафе да го испиете на вашата тераса.

Токму затоа, се одлучивме да ви понудиме неколку совети и идеи кои ќе ви помогнат од вашиот балкон да направите оаза на мирот и едно прекрасно место за релаксација, токму во вашиот дом.

Најнапред, ви предлагаме да го одберете дрвото како основен елемент за уредување и декорација на балконскиот простор затоа што е природен материјал. Одберете дрвени клупи и масички во карамел боја. Наместо полици поставете дрвени кутии во една или повеќе бои. Можете да бирате помеѓу медијапан, буково дрво или пак, незаменливиот бамбус кој секогаш асоцира на лето и плажа.

Доколку вашиот балкон е ептен тесен, направете си шанк. Има ли поубаво од тоа да се напиете чаша вино, додека пред вас сонцето заминува кон запад? Со ваквото ентериерно решение, максимално ќе го употребите просторот и вашиот балкон нема да изгледа пренатрупан. Можете да поставите и долга клупа покрај оградата која е идеална за тесните и долги тераси. Доколку сепак сакате да останете на класичната варијанта од масичка и столче, тогаш барем одберете мебел со помали димензии.

Во пролет и лето, голем дел од пријатните и топли вечери ги поминуваме на отворено, па затоа не смеете да заборавите на осветлувањето за вашиот балкон. Заборавете на обичните сијалици! Поставете мали сијалички (на овој начин, новогодишните сијалички ќе имаат примена преку цела година), повеќе фенерчиња во разни бои, ароматични свеќи во различни големини или пак малечки сијалици кои ќе ги поставите на ѕидовите.

Ако вашиот балкон е мал, а сакате визуелно да изгледа поголем, употребете ја белата боја најмногу што можете. Белата боја инстантно ќе направи просторот да изгледа поголем и ќе ви даде чувство на вистинска пролетна идила.

И се разбира, не заборавајте на зеленилото. Поставете шарени саксии со вашите омилени цвеќиња, малечки зимзелени дрвца или пак посадете зачини, како босилек, шафран, магдонос…

Поврзани статии

Back to top button