Како домот да не ви биде во хаос, доколку имате деца?

Сите знаеме како изгледа дом со мали деца. Играчките се расфрлани насекаде и големи се шансите дека ќе повредите некој прст на ногата со некоја коцка. Но, што малку децата ќе пораснат и ќе почнат да разбираат, време е да воведете некој ред доколку сакате домот да не се претвори во игротека.

Научете ги децата да собираат по себе!

После третата година добро е почнете да ги учите децата да ги собираат нивните играчки во кутија пред да си легнат. Помогнете им да си го наместат креветот после будење, а после петтата година оставете ги сами да го направат тоа. Дозволете им да ви помогнат околу домашните обврски, како собирање и диплење на алишта, бришење на прашина, метење… Исто така, добра опција е да набавите мини правосмукалка која е лесна и децата може да ја употребат доколку им се истурат грицките.

Определете го нивниот простор

На децата не треба да им се забрани да играат и да бидат креативни. Но, тоа не значи дека треба да им дозволите да ги исцртаат сите ѕидови во станот. Определете еден ѕид за тоа. Определете простор каде ќе може да си играат. Определете кои ќе бидат нивни фиоки и кутии за играчки и боички и напоменете им дека на нив останува во каква состојба ќе бидат тие.

Бидете добар пример!

Не можете да очекувате од вашите деца да бидат педантни, доколку вие не сте. Затоа бидете им добар пример и со своето однесување потенцирајте им дека масата се раскрева после јадење, дека валканите алишта се фрлаат во корпата за перење и дека доколку некој нешто растури тоа треба да се собере.