ИнтервјуаУбави луѓе

Интервју со Драган Таневски: Од љубов е невозможно човек да се откаже!

Неговите постови на социјалната мрежа Facebook секојдневно ги читаат, лајкуваат и споделуваат илјадници луѓе. Тој пишува за нештата кои не можеме да ги допреме, а ни се толку потребни, како љубовта, вербата, вистинските вредности. Го запознаваме одблиску Драган Таневски, човекот кој денеска ни дозволи да ѕирнеме во неговите мисли. Доколку сакате да се дружите со него, тогаш вашата дестинација нека биде Саемот на книга каде на штандот во Хала 1 имате можност да го запознаете Таневски, да помуабетите со него и се разбира да се вљубите во неговите книги.

Ubavo.mk: Вашите постови на социјалните мрежи се читани, препрочитувани, споделувани. Со секој нов пост допирате до илјадници срца. Од каде толкава инспирација за сите тие убави муабети?

Инспирација има насекаде, ако човек знае како да гледа. Понекогаш се случува да гледаме во иста насока, а да видиме две сосема различни нешта. Уметниците гледајте ги како фабрики за рециклирање отпад. Како што едно растение од купче ѓубре ќе извади најубав цвет, така уметникот од еден деградиран свет успева да напише мотивирачки текст, да наслика преубава слика, да компонира незаборавно парче музика. Значи, понекогаш инспирацијата е во убавите нешта, но често и во оние сосема одвратните.

Ubavo.mk: Пишувате за љубовта и вистинските вредности. Денес, се поретко ги има. Како да ја промениме оваа ситуација?

Нема shortcut до таа состојба. Мора напорна работа. Види, ако злото раѓа зло, аналогно е љубовта да раѓа љубов. Ако ние во секојдневниот живот се наклониме кон сеење омраза, дури и со едно единствено зборче или најобично климање со глава, омразата само ќе расте. И ние ќе бидеме виновни за тоа. Човекот мора самиот себе да се репрограмира, да си го прештелува окото, ушите и разумот да забележуваат добро и да го пофалуваат со збор, со гест, со постапка. За доброто мора да се труби, да се разгласува. Не смееме да дозволиме главно четиво на народот да бидат црните хроники. Политичките канали. Човекот мора да се полни со убави информации кои ќе му ја полнат душата со вера во човечкиот род. Таквата вера е многу тешка и постепено ќе ја истисне насобраната злоба во нас.

Ubavo.mk: Го практикувате жаргонот. Дали можеби тоа е формулата за непосредност и добра комуникација со публиката?

Види, јас сум фотограф и дизајнер, не сум писател. Така ме викаат во последно време. Ама зборам на жаргон, па затоа и пишувам на жаргон. Стварно ми е смешно да употребам некој збор кој воопшто не се користи во разговорниот јазик. На пример знаеш ли кој е литературниот збор за шишки? Кркми. Не можам, стварно не можам да го употребам тој збор во моите текстови, па нека ми се лутат лингвистите, лекторите и книжевниците колку сакаат. Инаку, мојата лекторка Ирена Игњатовска коси корне заради мене, знам, ама побитно ми е мојот текст да стигне до душата на моите читатели во онаа изворна, улична, пријателска, фамилијарна форма.

Ubavo.mk: Живееме во време и во свет кои и не се баш розови. Каде ја барате убавината?

Види, емотивците не ги прашувај за убавина. Тие едноставно ја гледаат во сè. Ако стварно добро се загледаш во она што те опкружува, ќе видиш дека и најобичните нешта, како на пример зрнцето песок, капката вода, снегулката… се цели универзуми. Убавината ја има во Библијата, во хероизмите на малите и големи луѓе, во растреперената рака на мајката која го пипа челото на болното детенце, во скалперот на грижливиот хирург кој и после осум часовна операција сè уште не затреперува туку прецизно работи за да се спаси нечиј живот.

Ubavo.mk: Кој е Драган Таневски кога не пишува? Како и со кои луѓе го трошите слободното време?

Обичен човек, будалетинка. Си наоѓам постојано будалетинки како мене и си правиме племе. Племе кое не се плаши што ќе каже, и не се плаши од она што ќе го слушне. Племе што се навикнува гласно да размислува, дека мислите и така и така тешко се сокриваат.

Ubavo.mk: Кои се книгите кои сакате да ги препрочитувате?

Библијата, секогаш одново ме инспирира, и после секое нејзино читање имам впечаток дека ја читам за прв пат. Други книги, би биле многу, ама еве на пример, „Малиот Принц“. Го осеќам Егзипери како да ми ѕирнал во мисливе, па се вратил назад низ времето и ја напишал. Сакам да го читам Руми. Во мали дози, дека од Руми ако се предозираш, ќе скренеш скроз и после никој не те оправа.

Ubavo.mk: Имате ли херој во вашиот живот? Кој е?

Од невидливите – Творецот. Од видливите – Давид, мојот најмал син. Секако ништо помали херои не се ни моите најблиски, на пример, мојата вечна инспирација Гордана Таневска и другите две постари деца – Димитар и Мила. Татко ми кој го сметам за еден цврст морален столб во морално распаднат свет. Се плашам од заминувањето на неговата генерација, затоа што светот без неа нема веќе да биде ист.

Ubavo.mk: Што би им порачале на оние кои поради скршено срце се откажале од љубовта?

Ќе им кажам – не сте се откажале вие од љубовта, туку од нешто што по грешка така го викаат. Од љубов е невозможно човек да се откаже, бидејќи таа е во неговото ткиво. Творецот е љубов, па така и целиот универзум е љубов. Воздухот е љубов, водата е љубов, храната е љубов. А, од тие работи не можеме да се откажеме, нели? Само можем да кажам, осмелете се да сакате пак. Почнете да ја храните љубовта во себе со мали залачиња – гушкање нечие бебе, галење некое животинче. Така, постепено, ќе ја намамите љубовта кон себе.

Кој е вашиот рецепт за убав ден?

Свари и/му кафе на саканото суштество и испијте го заедно држејќи се за рака и правејќи муабети  за најбитни и за најнебитни работи. Без разлика дали сте си легнале скарани. Направи го тој убав гест и денот нека започне со убав залет.

И за крај, за што би била следната книга? За што би сакале да пишувате во иднина?

Серијалот Колекционер ќе си продолжи со една книга на секои 6 месеци како до сега. Следно во план ми е да ги допишам двата романи кои ми се започнати. Работам на филмско сценарио кое е при крај и за кое ќе се снима краток филм кој ќе оди на TRIBECA FILM FESTIVAL New York.

 

Поврзани статии

Back to top button