ИнтервјуаУбави луѓе

Интервју со Симона Попоска: Ова е лошо време за македонската музика!

Младата македонска пејачка Симона Попоска која е дел од The Sound Messengers во денешното интервју за порталот ubavo.mk открива кои се нејзините соништа, како реагира на критиките и трач-муабетите, но и како ја комбинира музиката со медицината.

Ubavo.mk: За почеток, би сакале да ве навратиме на вашите почетоци од музичката кариера. На сцената првпат сте стапнале уште како дете. Се сеќавате ли на вашиот прв настап? Што ви се вртеше во главата тогаш?

Toa беше на моја шест годишна возраст на детското фестивалче „Распеано Рибарче“ во Охрид каде настапував со песничката Самба, не можам баш точно да се сетам што ми се вртело во глава тогаш, но кога ќе се навратам на тие моменти повторно ја чувствувам таа слатка трема и среќата која ме исполнуваше додека настапував. Тоа не беше само мој прв настап, тоа претставуваше и првиот пат кога сфатив дека ја сакам сцената и публиката и дека нема да се откажам од тоа.

Ubavo.mk: Колку е тешко да се биде музичар во мала земја како што е нашата?

Ние сме мала земја и мал пазар, но сето тоа немаше да биде тешко, ако не беше ситуацијата како што е сега. Во овој момент не само за мене, туку за сите музички артисти е лошо време, лошо време за македонската музика, сè помалку се поддржува истата и сè повеќе ни се наметнува музика од надвор, а не си го цениме нашето што го имаме. Сепак, не се откажуваме и се надеваме на подобри времиња. Ние работиме со љубов за вас и така и ќе остане .

Ubavo.mk: The Sound Messengers е интересна комбинација од вокал и диџеј. Како дојде до оваа соработка и кои се вашите планови?

Соработката излезе сосема случајно. Јас и Ерик Фокс се запознавме во студиото на Роберт Билбилов. Тој ме слушнал, му се допаднале моите вокални способности, а потоа преку наш заеднички пријател се сретнавме и сфативме дека она што го сакаме е заедничко. Малку бев скептична, но му верував бидејќи тој е ДЈ со големо искуство позади себе и сè што кажал дека ќе биде хит – било. И се разбира овој проект е започнат и со цел да се прошириме надвор од границите на нашата земја. Имаме сериозни понуди, но сакаме да го одбереме најдоброто .

Ubavo.mk: Какви се луѓето низ локалите каде што настапувате? Знаат ли да се забавуваат?

Сè уште постои ноќниот живот во Македонија и секогаш е забавно. Среќа има луѓе кои знаат да се забавуваат и мило ми е поради тоа, се надевам дека така и ќе остане.

Ubavo.mk: При крај сте со студиите на Медицинскиот факултет. Ја комбинирате медицината и музиката. Како го постигнувате балансот? Би се откажале ли некогаш од музиката за сметка на белиот мантил?

Балансирам со желбата и љубовта кон двете професии. Едноставно кога не можете да се одлучите, а имате преголема желба и знаете дека тоа е дел од вас, чувствувате дека без едно од нив ќе сте како птица без едно крило, тогаш ништо не ви застанува на патот и со труд полека се реализирате на двете полиња. Секако дека е тешко, двете работи бараат да си посветен, некогаш ќе наидете и на критики и предрасуди дека овие две работи не одат заедно, но не се согласувам, ако нешто се сака колку и да е тешко ќе го организирате вашето време, ќе скратите од други задоволства кои не ви се приоритет и ќе се трудите максимално. Сепак, талентот ми е нешто што ми е дадено од Бога и не би се откажала во ниту еден случај без разлика што сум студирала.

Ubavo.mk: Со оглед на тоа дека сте јавна личност, како се носите со критиките и трач – муабетите?

Кога почнувате со оваа професија мислам дека веднаш сте свесни што би се случувало бидејќи трач муабетите и критиките се дел од шоу бизнисот. Критиките се секогаш добродојдени и сакам да ги слушнам. Нормално, она што мислам дека треба да се прифати од критиките ќе го прифатам, бидејќи луѓе сме и учиме низ целиот живот. Но, за трач муабетите и да не сум јавна личност не би ме допирале. Едноставно од едно уво влегува од друго излегува, немам ни време, ниту пак сум карактер што потпаѓа на тоа. Како беше изреката : „Ако си тргнал кон целта и патем застануваш за да го гаѓаш со камења секој пес кој лае на тебе, никогаш нема да стигнеш до целта.“

Ubavo.mk: Што прави Симона кога не пее и нема премногу факултетски обврски?

Слободно време речиси и да немам. Но, она што можам да го наречам слободно време го поминувам на тренинг, во теретана. Мојот тренер Славе Јаневски ми дава огромна поддршка.

Ubavo.mk: За што сонувате, во што верувате, на што се надевате?

Сонувам и верувам да ја оставарам мојата цел, која е како едно семе кое е засадено во мене и секој ден си го полевам со надеж и љубов за на крај да ми го даде плодот кој си го замислувам.

Ubavo.mk: Кој е вашиот рецепт за убав ден?

Мирен и доволен сон, здрава исхрана, физичка активност и релаксација.

Поврзани статии

Back to top button