Таинствен свет со чудесни пештери, високи карпи и ендемски видови на пеперутки

На околу 17км од Скопје, по долината на реката Треска, се крие таинствен свет со чудесни пештери, високи карпи, ендемски видови на пеперутки, лековити билки и води за кои постои верување дека помагаат на глувонемите луѓе. Преубавото парче недопрена природа изобилува со културно-историски споменици, главно манастири поради што со право ја нарекуваат и мала Света Гора. Богати букови шуми, дабови, преубави розови цветови, белоглави орли и ретки животински видови. Клисурната утроба Матка со својата несекојдневна убавина ги привлекувала луѓето од најстарите времиња па се до денес.

Матка е најстарото вештачко езеро на територијата на Македонија. Тоа било создадено со преградување на реката Треска.

Најголем впечаток ќе ви остави возењето со чамец кој плови по тесниот кањон, додека од двете страни ќе ве воодушевува прекрасната глетка на високо издигнати стрмни  карпи. За оние кои го љубат адреналинот има неколку места од каде може да скокаат во вода, да веслаат кајак на диви води и да го проучуваат дното на Матка.

На Матка има десетина пештери, секоја со различна големина и старост.  Трите најпознати пештери се Врело, Убава и Крштена. Во моментов само Врело функционира како туристичка атракција, која е една од петте најдлабоки подводни пештери во светот. До неа се стигнува со едно од чамчињата кои организираат тури на секој час.

Матка меѓу другото е и срцето на алпинизмот во Македонија. Омилено собиралиште на излетници и посетители е местото кај манастирот Св.Андреј каде се наоѓа и планинарскиот дом. Во најблиската околина и на самото езерто има ресторани во кои ќе може да уживате во викенд ручеци со прекрасен поглед кој никого не остава рамнодушен.

loading...