Убави вести

Кога хуманоста нема граници…

Убаво е човек да помага. Денеска сакаме да ве запознаеме со активностите и функционирањето на организацијата „Св. Спас“ од Драчево, која функционира од 2015. година и се труди да им помогне на оние на кои им е најпотребно без разлика на вера и нација. Ангелина Тасевска, една од најактивните членки на оваа организација ни раскажа од каде идејата за една ваква хуманитарна организација и каде сè помагаат…

Ангелина нè врати на почетоците на оваа организација…

Хуманитарната организација Св.Спас – Драчево, постои од декември 2015 година. Со благослов на Архиепископот Господин Господин Стефан, таа е регистрирана и официјализирана како Хуманитарна организација. Отецот Оливер Петровски ја формираше и јас веднаш му се приклучив. Ние се знаеме од многу мали, од забавиште, генерација сме и плус соседи. Во животот сме имале многу подеми и падови(повеќе падови) и затоа сме малку посентиментално свртени накај најранливите категории, социјално незгрижените, лицата со посебни потреби итн.

Таа вели дека дејствуваат на територија надвор и од Скопје:

Во декември 2015. започнавме со едно семејство, за денес април 2017. година нашата Хуманитарна организација да брои 64 семејства, на кои континуирано им се помага секој месец. Покрај македонски имаме и албански, турски, ромски и босански семејства. Помошта се состои од храна и хигиенски производи. Се трудиме заедно со нашите пријатели и спонзори, да овозможиме храна и средства за хигиена барем за дваесетина дена во месецот, некогаш и повеќе. Се трудиме колку што можеме да олесниме на семејствата. Делуваме на ниво на цела Македонија, не само во Скопје. Имаме семејства во Велес, Гостивар, Тетово, Куманово, Кичево, Крива Паланка, Неготино, Охрид итн. Се трудиме секаде каде што можеме да стигнеме.

Им помагаат на оние на кои секоја помош им е добредојдена.

Мора да кажам дека, за жал, има премногу семејства што буквално гладуваат, што немаат за парче леб, кои се потполно заборавени од државата. Болни, незгрижени, односно НАЈРАНЛИВИТЕ. Помагаме семејства со родители инвалиди, деца со даунов синдром, дечиња со детска парализа, семејство со слеп татко, самохрани мајки… Се трудиме исто така онаму каде што има работоспособни, и да вработиме некого. Затоа што знаеме сите дека е полесно кога и сами заработуваат и се чувствуваат покорисно, им се враќа вербата и позитивната енергија.

Чувството после една хуманитарна акција е убаво, вели Ангелина.

Прекрасно е чувството после сите овие акции. Необично.Тажно и среќно воедно. За време на сите акции постојано со нас се и нашите семејства, децата, пријателите… Меѓутоа ние не можеме сами. Потребни се повеќе донатори. Нека биде ова апел за сите оние кои сакаат да помогнат. Вратите на Црквата Св.Спас од Драчево се постојано отворени за сите.

И тимот на ubavo.mk се приклучува кон овој апел. Сите поединци, организации, компании кои се во можност нека ја посетат Црквата во Драчево, донирајте колку што можете и потрудете се да разубавите нечие сиво и тешко секојдневие.

 

Поврзани статии

Back to top button