Од васУбави муабети

Ова не е уште една Новогодишна приказна…

Се сеќавам кога бев мала, ја читав “Девојчето со кибритчињата”…Мислам дека тогаш како ладен нож мене да ми поминуваше низ душава, како да го чувствував мразот…не од зимата, од ладните срца кои само поминуваат, погледнуваат и заминуваат…
Еве, после толку време, уште живееме во свет кај што приказните се живот, нечие секојдневие. И ме боли до коски кога наоколу гледам празни луѓе кои само чекорат без да застанат. Да, празни сме! Себични до степен да ја закопаме туѓата среќа само колку да си докажеме дека можеме. Сакав како секогаш понесена од некоја моја еуфорија да Ви посакам среќни празници, да Ви посакам исполнувања…Ама…Не!
Овој пат само ќе ви простам, ќе ви простам што заслепени од животот повредувате без да знаете, ќе ви простам зошто недоволно ги сакате оние кои се околу вас, Ви простувам што заборавивте како се покажува-Те сакам, кога гушкате…
Ќе ви простам што не научивте како да поделите кога имате премногу, зошто на лицата си ги сокривте вистинските емоции и потонавте во некое сивило.
Па ќе прашате- Која си ти нас да ни простуваш?
Ќе ви кажам- Јас сум иста како вас. Понекогаш заборавам колку сакам, заборавам колку љубов имам во себе, заборавам да кажам-Те сакам! исто како што заборавам да кажам искрено-Извини!…Ама, јас си простив на самата себе, за секоја солза што ја имам предизвикано, за секоја болка што ја имам преживеано, за сите зборови што не биле кажани а требало да се извикаат на цел глас…Ете, јас сум се она што го гледате во огледало кога ќе си ја видите празнината во очите…исти сме, а сепак, никогаш не сме биле поразлични од сега. Знаете, ова е период на магија, чуда се случуваат ако доволно веруваме. Па, верувајте малку повеќе во себе, отворете си ја душата малку повеќе од паричниците…Не подарувајте само колку да ви помине редот, подарете за да растреперите нечие срце, да останете таму и да бидете посебни и различни…Во свет на сивило, бидете нечија светлина…
Избришете се што ве прави поситни од вчера, денес е нов ден, бидете нечија среќа…

Автор: Маја Спасовска

Поврзани статии

Back to top button