Рецепт за убав ден на Ивана Балабанова

Таа е млада девојка која обожава да танцува и верува дека секој ден може да биде убав. Ивана Балабанова ни го раскажа нејзиниот рецепт за убав ден.

Убав ден е секој оној кој започнува со позитивна мисла. Затоа, не би можела да си го замислам својот „рецепт за убав ден“ без будење во мојот кревет и погледот кон исцртаниот ѕид со еден тон позитивни мисли. Тие стојат таму за да ме потсетат дека мирот и среќата доаѓаат одвнатре, но и да ми помогнат да бидам мотивирана и продуктивна. Секогаш внимавам да сум добро наспана, па идеално е кога станувам до 09 часот, по што следи една голема чаша вода и денот може да започне. Најсреќна сум кога до попладневните часови имам исполнето време со состаноци и разговори со кои се дефинираат проектите на Битрикс. А штом ги завршам сите активности од овој тип, следи една мал одмор. Ова е и мојот омилен дел од денот, кога го пијам своето кафе во нашиот прекрасен парк и уживам во мирот и зеленилото. Бидејќи моите мисли ретко мируваат, тука се раѓаат следните идеи и предизвици. Потоа, следат вечерните часови во Битрикс. Само оние кои работат со деца, знаат каков благослов е тоа. Многупати се случува од нив да научам важни лекции за животот, за љубовта, грижата и почитта. Не ретко тие биле оние кои ме потсетувале дека е значајно да се ценат малите нешта и дека без нив нашиот живот би бил празен. Среќна сум кога часовите се продуктивни и позитивни и кога го забележувам напредокот во децата. Тие ми се најголема мотивација. По завршувањето на часовите, ја користам тишината во студиото за мали “freestyle sessions” со кои го одржувам во живот својот танчерски дух, а потоа си заминувам. Крајот на денот или го поминувам сама со некоја добра книга или серија, или пак со своите најблиски во домашен амбиент.
Ова е мојот „рецепт за убав ден“, а би ви порачала да не пропуштате ден, а да не направите нешто кое Вам ве прави среќни, бидејќи не џабе велат “Среќата доаѓа одвнатре”.

loading...