Книги за љубителите на светското книжевно богатство!

Предлог три супер интересни книги кои ќе останат во вашето сеќавање. Ќе го освојат вашето внимание уште на првата страница!

Во овој наш живот (Елен Глазгов) „Во овој наш живот“ е аналитичка студија на ефектите што еден непредвиден настан ќе ги има врз животите на членовите од гнилото аристократско семејство Тимберлејк. Ејса е несреќен сопруг на Лавинија: никогаш не ја сакал, но финансиски е зависен од нејзиниот богат вујко, Вилијам. Ејса го смета за несоодветен и бракот на едната од своите ќерки, Стенли, за Крег Флеминг – настан што треба да се случи една недела по почетокот на дејството од книгата; заплетот почнува кога Стенли наеднаш ја раскинува свршувачката и пребегува со Питер Кингсмил, мажот на втората ќерка на Ејса и Лавинија, Рој. Познат пред сè по својата екранизација (од Џон Хјустон) и искреноста со која ја третира расната дискриминација, „Во овој наш живот“ е приказна за начинот на кој генерациските јазови се продлабочуваат и надминуваат во рамки на лабавите, но неодминливи, врски на најблиското семејство.

Куфери од песок (Ана Лангфус) Продолжение на Сол и сулфур, Куфери оg песок ја добива Гонкуровата награда во 1962 година и се смета за едно од ретките книжевни дела што успеало грозоморните искуства од Холокаустот да ги вообличи во уметничка форма. Приказната ја следи Марија, млада Полјачка, која неколку години по војната лута низ Париз. Нејзиното семејство e ликвидирано во текот на германската окупација на Полска. Во светот, оттогаш, мирот е вратен, но Марија во него живее како странец во место населено со сенки, место каде што мртвите имаат исто толку право на живот колку и живите – ако не и повеќе. Човечките преокупации и вредности за Марија станале неразбирливи. Сè вреди и ништо не вреди. Еден стар господин, Мишел Карон, кој го запознава случајно, се приврзува за неа и таа решава да тргне со него на југот на Франција. Но, таму нејзиниот придружник и става до знаење дека нежноста и пријателството за него нема да бидат доволни. Меѓу нив започнува една скриена борба; стравот на Мишел дека Марија ќе побегне, со секој изминат миг, се засилува. Марија, пак, се обидува, со една група деца, да ги врати интегритетот и радоста на своето сопствено детство. Самоубиството на едно девојче од групата ја поттикнува Марија и таа да оди до крај, но попушта под притисокот на Мишел, повлекувајќи се во една состојба на летаргија и морална соголеност, неугодно место, но и место каде што се надева дека ќе најде мир. Ненадејното доаѓање на сопругата на нејзиниот љубовник ја нарушува рамнотежата и Марија мора да си замине и да се соочи со реалноста на светот. Можеби и да се обиде да живее повторно – сама.

Неговото семејство (Ернест Пул) Ернест Кук Пул (Ernest Cooke Poole, 23 јануари 1880 – 10 јануари 1950) е американски новинар и писател со социјалистички убедувања, добитник на првата Пулицерова награда за проза со романот Неговото семејство (His Family, 1918). Многу критичари сметаат дека “Неговото семејство” ја добива Пулицеровата награда што не e сè уште установена три години претходно за да го круниса критичкиот успех на Пристаништето. Во балзаковски манир, но со поголема верба во луѓето (и со помал успех), романот го истражува односот меѓу шеесетгодишниот Роџер Гејл, кој неодамна останал вдовец, и неговите три ќерки. Едит, најстарата, е венчана и има сопствено семејство; Дебора, средната, е директорка на училиште, многу поприврзана за својата работа отколку за своето момче, Алан Берд; Лора, пак, најмладата (која рано во делото ја објавува својата свршувачка за брокерот Харолд Слоун) е слободоумна и непослушна девојка. Низ дејството на романот – грубо скицирано меѓу едно убиство, две неверства, еден развод и една венчавка – додека секоја од ќерките се обидува да си ја исцрта сопствената иднина, Роџер сè повеќе и повеќе е вовлечен во препирките и тензиите на семејниот живот, постепено преобразувајќи ја функцијата на случаен медијатор во улога на свесен спасител.

 

loading...