Трагите од твојот кармин ниту еден детергент не ги отстранува

Драга моја непрежалена,

Ова е тринеасеттиот пат како се обидувам да ти напишам нешто. Знаеш, отсекогаш сум бил јак со зборовите, но, ете и по толку време уште сум слаб на тебе.

Денеска, го расчистував станот. За првпат откако се исели. Те молам, не грижи се, се уште не сум се угушил во прашината. Не сакам да се налутиш и поради тоа што ја фрлив твојата омилена шолја која ја купи кога шетавме во Порто, но трагите од твојот кармин ниту еден детергент не ги отстрануваше.

И само што помислив дека во станот нема ништо што би ме потсетило на тебе, ја пронајдов нашата прва заедничка фотографија. Морам да признаам дека тоа што од тој ден па наваму ослабна десет килограми ме натера уште повеќе да се вљубам во твоето тело. Насмевката на фотографијата е иста. Таква и ќе ти остане. Ми се чини вечно ќе бидам вљубен во таа насмевка. Со часови ја гледав фотографијата и и се радував како дете што на ново автомобилче се радува.

Најдов и една твоја книга. Се сеќаваш ли колку ја мразев комерцијалната американска психологија и сите тие книги што ги читаше… Не верував во тоа дека ние мажите сме од Марс, а вие жените од Венера. Толку време залудно се обидував да те помирам со фактот дека и ние и вие сте од Земјата. А, еве сега се демантирам себеси. Дури започнав да ја читам книгата за да се убедам дека сме премногу различни за да бидеме заедно. В миг, посакав да можам да те мразам колку што ја мразам оваа глупава книга. Но, тоа никогаш нема да ми успее. Никогаш не би те замразил.

Всушност, уште ги сакам сите оние нешта кои се поврзани со тебе, на некој само мене логичен начин… Ти текнува на онаа радио-станица на која пуштаа некој излитен џез? Денес, таа е единствената која ја слушам додека сум на работа… Никогаш не јадев од твоето чоколадо со лешници, а вчера речиси ќе ми се слошеше од двете такви што ги изедов во рок од еден час…

Не се менуваат времињата, луѓето се менуваат. И јас и ти! Некогаш бевме најдобри пријатели кои разговараа за животот до зорите. Некогаш бевме љубовници на кои не им се стануваше од топлата постела. Денес едвај изустуваме едно едноставно „здраво“. Можам да се лажам себеси колку сакам, јас и ти никогаш веќе нема да разговараме, нема да го делиме креветот, нема да се смееме на истите глупави шеги како некогаш…

Но, едно знам. Од собата на моите спомени никогаш нема да излезеш. Ниту би те замразил. Само те молам, носи си ја таа твоја насмевка засекогаш. Луѓе се вљубуваат баш во неа!

Чувај се,

твојот Несуден.

loading...