Ех, да можеше небото над овој град да зборува

Колку и да се пишува и раскажува за Охрид, никогаш не е доволно…

Утрово, станав ептен рано. Пуста навика. Го облеков најубавиот фустан и излегов да го почувствувам срцебиењето на мојот омилен град додека сите спијат. Се упатив кон кејот и седнав во едно кафуле за да си ја земам потребната доза на кофеин.

Магијата на градот, сонцето кое се гали со езерото, брановите кои се борат со ветрот, лебедите кои се љубат е една волшебна слика која ме исполнува со спокој, ме тера да размислувам само за убави работи, ми помага да ги разбистрам мислите…

Никако не ги сфаќам оние луѓе кои Европскиот Ерусалим го доживуваат како место каде одат да се искапат во езерото, да пијат кафе, да посетат некој ресторан или да се забавуваат во дискотека. Охрид не ми е баш тоа. Тој има душа која мора да ја почувствувате, тој има приказни кои мора да ги доживеете за да можете да ги прераскажувате.

И еве, денес, по кој знае кој пат јас и Охрид имаме една блиска средба. Додека чекорам по калдримите на стариот град, ме обзема волшебно  чувство, мислам дека времето застанало и дека одново се раѓам на секој агол со моќ да го променам светот. Им дозволувам на тие калдрми да прават со мене што сакаат, ме гушкаат, ми шепотат дека не сум сама, ме враќаат во минатотото, ме носат во иднината, ми велат дека на светот нема ништо поубаво од сегашниот миг. Ме носат на едно патување низ моите мисли и чувства и откривам доживувања во мене за кои не сум знаела дека можат да постојат.

Се упатувам кон Плаошник. Таму, го наоѓам мирот кој инаку го губам сред хаосот на главниот град, постојаното брмчење на автомобилите, разџагорените луѓе кои само некаде брзаат. Овде пак, не ми треба часовник. Времето, на моменти ми застанува за да можам да уживам во оваа убавина која ми ги маѓепсува сетилата. На Плаошник, го оставам срцето да зборува. Да ми ги раскаже сите оние работи кои ги зборува, ама кои ретко ги слушам оти сум затрупана сум во обврски. Кога сум во Охрид, не ја пропуштам и посетата на црквите Св. Јован Канео и Св. Софија. Така си го наоѓам спокојот во себе, го полнам умот со убава мисла, со верба и надеж.

Охрид не е луксузните вили и рибните ресторани, барем според мене. Охрид е легендите кои се раскажуваат за него, песните во кои е опеан, приказните кои се случиле таму. Ех, да можеше небото над градот да зборува… Колку средби видело тоа небо. Колку убави луѓе видело…

 

loading...