Од насУбави муабети

Но, не сакав балска венчаница, потпис на хартија и толпа гладни гости

Уште како малечка го сонував денот кога ќе застанам на лудиот камен. Денот кога ќе кажам „Да“. Сонував балски раскошни фустани и ливада полна гости. Името на првото дете уште од тогаш ми беше смислено. Сакав да имам ќерка. Со искрена, нежна и голема насмевка. Запчиња како бисерчиња, очи како костени и виткана коса како мојата. Мечтаев да пораснам што побрзо. Да го запознаам човекот на мојот живот. Да бидам со човек силен како карпа. Стасит и убав. Човек кој безрезервно ќе ме љуби. Човек кој не ќе може ни еден проблем да го сруши. Кој ќе има излез од безизлезна ситуација. Да бидам негова принцеза, тој мојот силен принц. Сонував принц на бел коњ. Но, пораснав. Првата љубов, налик беше како принц. Но, внатрешноста му беше спротивна од сонот. Бев млада и наивна. Мислев дека само можам да сонувам за таков партнер и ништо повеќе. Си трошев време и години со неубави души. Мислев дека добрината моја ќе ги зарази. Како вирус. Но, не било така. Човека, човек тешко може да промени. Некогаш, едноставно не вреди да се трудиш.

По некое време се запознав со налик обичен човек. Неговото минато не ветуваше иднина. Неговите зборови не личеа на бајка. Беше реален до срж. Го нервираше фактот што љубам да фантазирам. Знаеше да повиши тон кога се расправавме. Да затвори врата и да замине чекајќи да ми помине лутината. Да каже кога чувствува дека нешто не оди на добро. Да се постави заштитнички кога ми е најпотребно. Човек во чии прегратки бев спокојна. Чии зборови допираа длабоко во мене. Човек кој газеше цврсто на земја, додека јас летав со мислите. Човек кој имаше душа, сочувство и разбирање. Човек со кој сакав да го поминам целиот свој живот.  Но, не сакав балска венчаница, потпис на хартија и толпа гладни гости. Сакав живот со него, не филмска идила. Сакав да му родам син ист како него. Сакав и го направив тоа што го сакав. Сега тој налик обичен човек стана мојот принц на бел коњ.

Поврзани статии

Back to top button