Интервју со Коста Петров: Од ќерка ми ги учам најголемите животни лекции

Тој е еден од најпродаваните македонски автори. Неговите книги „Се гледаме на врвот“, „Стравот“, „Нашето последно кафе“, „Никој не рече дека ќе биде лесно“ ја освоија читателската публика во земјава и имаа по неколку тиражи. Неговата компанија пак, непрестано нижи успеси. Дами и господа, Коста Петров за ubavo.mk зборува за работите кои го поттикнуваат да пишува, за неговите цели, за луѓето на кои им се восхитува и за неговата ќерка која како што сам вели е центарот на неговиот живот.

ubavo.mk: Автор сте на едни од најпродаваните книги на македонскиот пазар. Од каде инспирацијата за пишување?

Животот и сите позитивни, но и негативни работи во него се инспирација за моите книги. Секоја книга во себе содржи некоја научена лекција, некое паѓање, но и вивнување кон врвот. Всушност таков е и животот. Некогаш сме доле, некогаш горе, но најважно од сè е да ги прифатиме и позитивните и негативните работи во него и да научиме да живееме наместо да преживуваме.

ubavo.mk: Вашите книги носат силни пораки за животот и борбата за личен и професионален успех… Која е тајната на вашиот успех?

Не постои такво нешто како тајна за нечиј успех. Сите ние одиме по некој свој пат и тој пат е исполнет и со предизвици, и со убави моменти, и со среќа, но и со тага. Мислам дека појдовната точка за успех е да веруваш силно во себе, но и да работиш секој ден на себе. Да не дозволиш тешките моменти да те скршат но и убавите моменти да те вивнат во облаците. Да се трудиш да одржиш баланс и да веруваш во својата големина и тогаш кога сиот свет е против тебе. Најважно е да продолжиш да чекориш, без разлика како изгледаат работите во овој момент од нашите животи.

ubavo.mk: Планирате ли следна книга? За што би пишувале?

Мојата последна книга изглезе во декември така да во следниот период не планирам издавање на нова книга. Главен фокус во моментов ми е мојата компанија и моето семејство.

ubavo.mk: Кои се луѓето кои ве мотивираат, оние на кои им се восхитувате?

Им се восхитувам на луѓето околу мене. На моите родители кои сиот нивен живот се борат за мене и мојата сестра. На мојата сопруга која е одличен претприемач, но и мајка и сопруга. На мојата сестра која веќе 10 години не живее во Македонија и секојдневно работи на својот сон. На моите колеги кои секојдневно ми покажуваат дека мојот сон не бил залуден.

ubavo.mk: Освен што пишувате, основач сте и на P WORLD, најголемиот организатор на настани во областа на ПР и маркетинг индустријата? Како започна приказната за овој бренд?

Пи Ворлд е продукт на финансиската криза во 2010та година. По финансискиот колапс во Дубаи решив дека е време да започнам сопствен бизнис и заедно со сопругата оставивме сè што имавме во Дубаи и се преселивме во Македонија. Не беше лесно да се вратиш тука по 12 години живеење во странство но од денешна гледна точка, мислам дека сме го направиле вистинскиот чекор. Денес, нашата компанија организира настани во 30 земји во светот,  а овој јуни за првпат организираме и настан во Њујорк што е навистина голема работа и достигнување за нас.

ubavo.mk: Кој е вашиот најголем предизвик, цел која сакате да ја достигнете за брзо време?

Да го пронајдам мирот во себе! Да прифатам дека некои работи не зависат од мене и да го живеам животот според мои правила, а не правила што некој друг ги поставил.

ubavo.mk: Кој е Коста Петров кога не работи и не пишува? Во што верува, за што сонува, на што се надева?

Мојата ќерка е центарот на мојот живот. Од неа ги учам најголемите животни лекции. Таа ме научи дека мојот успех или неуспех на работа или во животот, не ме дефинираат мене како личност. За неа не е важно во колку нови земји сме влегле на работа, колку зделки сме склучиле, колку пари сме направиле. Нејзе и е важно да бидам покрај неа и заедно да уживаме во убавините на животот. И нема ништо поубаво од тоа.

ubavo.mk: Во ова време-невреме, каде ја барате убавината?

Во мојата ќерка. Во неа се кријат сите убавини на овој свет.

ubavo.mk: Која е пораката која би му ја испратиле на целиот свет?

Секој хаос има рок на траење.

loading...