Од васУбави муабети

Сакам да ти ја почувствувам топлината, здивот што како острица од меч го пресекува она што се премолчува…

Содржината на моето срце има горчлив вкус во устата на кукавиците и оние кои никогаш не ја вдишиле ноќта и не го издишале целиот свет во еден здив.
На врв на усниве го чувствувам нивниот страв, секогаш кога бакнежот треба да остави печат тогаш трепетот се појавува и без зборови кажува- Урагани има во неа, бегај подалеку…ќе те разнесе насекаде!…
А не, не знаат дека милиони години се собрани и запечатени во душава, не знаат дека длабоко некаде се сокриени солзи, направиле океани и пресушиле…На усниве ги чувствувам сите слатки зборови и сите горчини…
На усниве е запечатено се’ она што оние кои бегаат од тишината го шепотеле…
Не сакам да сум како нив, па ладно да ти ги допрам усните и да кажам безброј бесмислени зборови, лаги, приказни…
Сакам да можам со прстот полека да ти поминам по кривините на устата, да ги избришам сите што пред мене оставиле парче ладнокрвност за кога ќе се сеќаваш мразови да ти го заробуваат срцето…
Заборави ги!
Оние што со крв се потпишувале на вечност заборави ги…Дувни и како прашина растерај ги подалеку од тебе…
Сакам да ти ја почувствувам топлината, здивот што како острица од меч го пресекува она што се премолчува, сакам да ја вдишам болката, да ја избришам тежината, како дим од цигара да те задржам во себе, да ми ги отвориш очите како утринско кафе, да проструиш како воздух низ секој дел од мене…
Содржината на убавината е само еден бакнеж, далеку од сите, од себе, некаде во вечноста помеѓу разочарувањата и победите…и далеку од кукавиците и оние што со себе носат горчини…
Така едноставна, совршена, безвремена убавина…собрана во само еден бакнеж…

Маја Спасовска

Испратете и вие ваш текст на info@ubavo.mk

Поврзани статии

Back to top button