Убави вести

Поддршка при имплементација на социјални политики, мерки и буџет за еднородителски семејства

На 25.12.2018 со почеток во 11 часот во Собранието на Р. Македонија, се одржа СЕДНИЦА БР.8 НА КОМИСИЈА ЗА ЕДНАКВИ МОЖНОСТИ НА ЖЕНИТЕ И МАЖИТЕ, а на иницијатива на ГО „Една може!“ Скопје на тема Поддршка при имплементација на социјални политики, мерки и буџет за еднородителски семејства.

На седницата свое обраќање имаа претседателката на организацијата, Дороти Пачкова, Претседателката на Комисијата за еднакви можности меѓу жените и мажите, Даниела Рангелова, Координаторката на Клубот на пратенички, Ѓулумсер Касапи и претсавничката на МТСП, Софија Спасовска.

Активистите и експертите од „Една може!“ побараа буџет за менаџирање социјални услуги преку ресурсен центар посветен на самохрани родители и деца од еднородителски семејства со што би се олеснила институционалната помош и би се одело кон економска еманципација на оваа социјална група наместо институционална зависност.

Пратеничките и пратениците покажаа заинтересираност за сензитивноста и специфичноста на овој проблем како и спремност за имплементирање на препораките од страна на ГО „Една може!“ низ неколку мерки. Во тој поглед, меѓу пратениците остана прашањето за дискрепанцата меѓу донаторски и државни буџети при имплементација на мерки кои се однесуваат на маргинализирани групи.

Претсавниците на МТСП порачаа дека со новиот Закон за социјална заштита и овие семејства ќе бидат опфатени со новите прописи, преку минимална парична помош и  надоместоци.

За време на дискусијата, пратеничките од Комисијата за еднакви можности се осврнаа на еволуцијата на македонското семејство и патријарханиот менталитет и на потребата од родово сензибилизирање на овој проблем, едукација и обука на носителите на јавни функции, како и симнување на имплементациата на локално ниво.

Заклучоците беа прифатени, а пратеничките потпишаа и Јавна заложба со која ветуваат дека при својата работа ќе ги имплементираат препораките на „Една може!“

 

Поврзани статии

Back to top button