Од насУбави муабети

Мајко, извини. Ти не заслужи ваква ќерка

Да си мајка е најубавото чувство на светот. Најубавото нешто на една жена што може да и се случи. Пред цели деветнаесет години кога дознав дека во мене расте живот, како да добив крилја. Како да го освоив целиот свет кога ја помирисав мојата малечка. Првиот пат кога ни се споија погледите таа ми се насмевна. Со насмевка дојде на овој свет мојата малечка смешка. Со насмевки ни врвеа годините. Убави моменти и среќни еден куп. Понекогаш и тажни, пропратени со крвави коленца, покачена телесна температура.. И велев така растат децата и за брзо ќе и поминеше, брзо како на кутре. Се до пред една година мојата смешка растеше и живееше во спокој и среќа. Една на светот ми е. Моја единствена. Единствена светла точка засекогаш ќе ми е. Мојата малечка смешка порасна, се заљуби. За прв пат и видов такви искри во насмеаните зелени очиња. Целата цветаше. Ја предупредив да внимава.. Месец дена таа не одеше, среќно заљубено лебдеше. Тоа можеше секој да го забележи. Престана да споделува се со мене од кога го запозна. Ќерка ми го запозна учителот на нејзиниот живот кој скапо ја чинеше. Се вљуби во човек за кој таа не беше ништо повеќе од авантура. Му се предаде на странец за кој мислише дека добро го познава. Неискусно и искрено му веруваше. Со него се зближуваше а од мене се оддалечуваше. Залудно се трудев да допрам до неа, да дознаам што точно размислува и чувствува. Не сакаше на таа тема со мене да разговара. Па низ друг муабет и нафрлав совети. Совети кои таа не ги послуша. Таа се повеќе ми ги затвораше капиите кои порано ми беа ширум отворени. Додека еден врнежлив ден не дојде дома целата накисната, расплакана и со размачкана шминка. Ми се извини и започна со раскажување. Плачеше, раскажуваше и се извинуваше. Ми рече “Мајко ти не заслужи глупава ќерка”.

Сега после цела година јас уште се прашувам каде згрешив. Каде згрешив кога ја воспитував. Дали сум и јас виновна што преживеа нешто кое што цел живот ќе ја следи и боли. Се трудам да ги лечам раните кои ја печат во најубавите години. Се трудам да ја вратам насмевката на лицето на мојата малечка. Често е замислена. Често ми вели дека го замислува тоа мало чудо кое можеби да не го послушаше лошиот учител сега би трчкало по нашиот стан. “И да го родев можеби ќе се каев ама мајко сега се каам многу. Се каам што не ти кажав тебе. Што со него отидов да се ослободам од бебето. Можеби ти ќе ме посоветуваше. Ќе кажеше дека сама ќе можам на прав пат детето да го израснам. Зашто го послушав и абортирав мајко?!” Тоа се зборовите кои мојата смешка ја мачат цела година. Тоа е болката која јас не знам да и ја излечам. Каде погрешив, како не приметив. Како сопственото дете не си го познав. Го молам Бог да и прати добро момче. Чесно и искрено како неа. Да изгради живот нејзин. Да створи дом. Во домот деца да и трчкаат, болката да и ја намалуваат!

Поврзани статии

Back to top button