Убави книги и филмови

Релаксирајте се на квалитетен начин!

Предлог три книги кои ќе ви го исполнат слободното време за време на домашната самоизолација!

Див живот (Нина Буаруи) Размислувајќи за животот, онаков каков што е даден… Див живот се случува во Алжир во 1979, романот е долг монолог на една млада девојка Алија која има 14 години. Таа се навраќа на минатата година од нејзиниот живот, една година по исчезнувањето на нејзиниот другар од детството, Сами. За да не го заборави, таа пишува, се навраќа на местата кои ги поврзуваат, случките кои ги поминале во текот на годините. Оваа книга е портрет на една млада девојка која навлегува во периодот на адолесценција, која не се чувствува добро во својата кожа и во своето тело. Ова е израз на голема тага, на голема осаменост, но и визија за светот на возрасните и животот.

Стогодишникот кој скокна низ прозорецот и исчезна (Јонас Јонасон) Приказната за Алан Карлсон, ведриот старец кој на својот стоти роденден скокнува низ прозорец, цврсто решен старечкиот дом во Малмкопинг да не биде место на кое ќе го заврши својот век, добива свој заплет кога стариот присвојува еден куфер од еден криминалец. Тоа ќе покрене низа случувања и ќе го доведе во врска со многу интересни ликови. Како се заплеткува оваа случка така се отплеткува животот на Алан Карлсон, кој, како што се покажува, во вистинско време се наоѓал на места на кои се решавала иднината на Европа и на светот: учествувал во војната меѓу Шпанците и Шпанците, вечерал со Труман, ручал со Мао Цетунг, спречил атентат на Черчил… Русите го бркале да им ја открие тајната за атомската бомба, а тој, побегнувајќи од сибирскиот гулаг, преку Северна Кореја стигнал на Бали каде 15 години живеел од американски пари наменети за помош и развој на далекоисточните земји – урнебесна историја на модерниот свет!
Стогодишникот кој скокна низ прозорец и исчезна беше одлично прифатена. Се најде на списокот на најпродавани книги во Шведска веднаш по излегувањето, а голем успех доживеа и во над 30 земји на чии јазици е преведена досега.

Невини (Бурхан Сонмез) Двајца млади, дојденци од различни земји, случајно се сретнуваат во една продавница во Кембриџ: Брани Таво, Курд, политички бегалец од Турција, и Ферузе, пребегната во Белика Британија од Иран за време на тамошната револуција. И двајцата имаат свои тајни и гревови. Малку по малку, меѓу нив се раѓа љубов која постепено се засилува, хранета од приказни, од заедничката приврзаност кон литературата и од заемното препознавање на тешкотиите на нивниот споделен егзил. Брани Таво раскажува скици од минатото на неговото семејство, живописни приказни кои се испреплетуваат со дамнешните легенди: овчари погодени од гром, војници кои се враќаат дома со траумите од војната, крвави непријателства што уништуваат семејства, мечки што напаѓаат селани трагајќи по украдените мечиња и фотограф кој на селаните им ги пренесува новостите преку портретите што ги фотографира. Овие темни, наследени сеќавања, неговата тажна меланхолична природа и хроничната несоница од која страда имаат натежнато врз Брани Таво, па тој често потонува во самотијата на сопствените мисли лутајќи низ локалните гробишта. Со време, воден и од тивката харизма на Ферузе, посегнува по некое послободно место – во себеси. Ферузе, која исто така е прибежиште за сурови семејни тајни, соочена со итноста на една вонредна ситуација, еден ден ненадејно ќе се врати во Иран. И Брани Таво знае точно што мора да направи овој пат… „Невини“ ја раскажува приказната за двата живота кои се одвиваат низ рамнината Хајмана, Техеран и Кембриџ…

 

Поврзани статии

Back to top button