Од васУбави муабети

Магична приказна

Зората скришум се искрадува од прегратките на ноќта, за да го земе в пазуви блескавото сонце и да отрча прва да и го погали лицето на заспаната убавица. Зраците од сонцето полека се тркалаат по нејзиниот кревет, сакајќи со својот нежен допир да ја разбудат од сонот. Насетувајќи ја сончевата игра во собата, како да се вознемири и веднаш скокна од постелата.

Исплашена, погледна на сите страни мислејќи дека се случило нешто страшно, веднаш истрча на прозорецот. Гледајќи низ него, како во некоја волшебна бајка, ветерот играше танго со листовите во ритамот на црцорот на птиците, опиени од магичниот мирис на розите.

Не сакајќи со своето присуство да ја уништи оваа прекрасна глетка, тивко се повлече во својата постела. Зад превезот од немир и страв оваа ранета срна тажно чекореше низ животот, во светот на арогантните погледи и завидливите насмевки. Во овој бал под маски не сакајќи да биде ничија кукла во рацете на некој безмилосен ѕвер, мечтаеше да ги вкуси убавите плодови на животот.

Ни часовникот веќе не го мереше времето. Единствената сила која се бореше да го урне неспокојот од нејзините гради беа вербата и надежта, а само изгорениците на нејзиното тело оставија неизбришлива трага во нејзиниот живот и и влеаја итрина и мудрост за да излезе од под урнатините на својата душа.

Итајќи низ животот натоварена со своите мечти и планови, не ни помислуваше дека некој како со волшебно стапче може да и го маѓепса срцето.
Потребен беше само миг, сјајот во нивните очи и нежниот допир на дланките, како жар кој вечно ќе тлее, се закопа во нивните души.

Овие две гулапчиња маѓепсани од волшепството на љубовта, како опиени играа во ритамот на страста. Се чинеше дека волшебната бајка од прозорецот која некогаш ја гледаше и за која честопати сонуваше, сега стана реалност.

Ивона Дамеска – Ида, („Душата на дланка“)

  • Испратете и вие свој авторски текст на info@ubavo.mk

Поврзани статии

Back to top button