Убави книги и филмови

Богат е оној кој чита!

Книгите се богатство. Богат е оној кој чита! Предлог три книги кои вредат да бидат прочитани.

Солта во морето (Рута Шепетис) Сите знаат за добро документираната катастрофа со Титаник, но малкумина се запознаени со една од најголемите поморски трагедии… Се ближи крајот на Втората светска војна и илјадници бегалци очајнички тргнуваат кон прегратките на слободата; многумина од нив со скриени тајни… Помеѓу нив се и Јоана, Емилија, Флоријан, чии патишта се вкрстуваат на пат кон „Вилхелм Густлов“, брод кој ветува спас. Соединети од стегите на околностите, тројцата млади црпат сила и храброст еден од друг, но меѓусебната доверба ја тестира секој следен чекор на пат кон безбедноста. И баш кога им се чини дека слободата е на дофат на рака, доаѓа до незамислива трагедија. Преоптоварениот брод, наменет за 1.800 патници, а натоварен со над 10.000 луѓе, почнува да тоне и сите тие, возрасни и деца, богати и сиромашни, мораат да се борат за истото: за преживување, за своите животи. Раскажан од различни перспективи, овој трогателен роман е инспириран од вистинска трагедија. Авторката ни открива жртви на страшната војна за кои знаат неверојатно мал број луѓе и докажува дека хуманоста и љубовта можат да победат дури и во најмрачните околности.

Избриши ги солзите (Линда Хауард) Водена од опсесијата да ги пополнува празнините во туѓите животи, Мила Еџ има неверојатна страст, инстинкт и дарба за пронаоѓање исчезнати деца. Кога сè друго изгледа изгубено и беспомошно, очајни души од сите страни на светот доаѓаат кај неа за надеж и помош. Со работата, Мила се бори да побегне од бруталните емоции кои ја јадат однатре затоа што има само едно дете кое не може да го пронајде со години… а тоа е нејзиното дете. Кога добива дојава за синџир за трговија со бебиња во мало село во Мексико, Мила тргнува да истражува без двоумење. Клучен човек во организацијата е маж со едно око, кој Мила патем добро го помни од минатото. Очајна да го најде, Мила се здружува со Џејмс Дијаз; сомнителен странец кој делува подеднакво опасно како и луѓето кои ги бараат. Иако истрагата станува сè пожестока, Мила нема намера да се откаже. Иако сите ѝ велат да престане да го бара своето дете зашто веќе се изминати десет години, таа не слуша никого. Мила е жена борец, волчица подготвена на сè за да го најде своето дете. Па макар и соочена со опасен маж, платен убиец, кој би можел да ја замолчи засекогаш.

Патник 23 (Себастијан Фицек) Во просек, 23 луѓе годишно исчезнуваат од бродови за време на крстосувања. Обично, таквите ги отпишуваат како жртви на несреќи или самоубиства со скокање од брод. Но, што ако не се? Пред пет години, Мартин Шварц, полициски психолог, ги изгубил сопругата и синот. Биле на одмор на брод, на крстосување, кога тие двајца едноставно исчезнале. Слабата истрага не успеала да открие што се случило – судскиот вештак заклучил дека се работи за убиство и самоубиство. И тој заклучок го прогонува Мартин уште оттогаш, загорчувајќи му го животот. Но тогаш го контактира една постара жена, писателка, која тврди дека има информации за тоа што се случило и инсистира тој веднаш да се качи на бродот „Султанот на морињата“. Таа му објаснува дека неговата сопруга и син не се единствениот таков пар кој исчезнал. Му кажува дека пред само неколку месеци исчезнале друга мајка и нејзината ќерка. Писателката е убедена дека има сериски убиец на бродот. Но кога исчезнатата ќерка одеднаш се појавува – со мечето на исчезнатиот син на Мартин во рака – станува очигледно дека вистината може да е многу, многу пострашна…

Поврзани статии

Back to top button