Од васУбави муабети

Знаеш среќо што е проблемот со понеделниците?

Знаеш среќо што е проблемот со понеделниците? Покажуваат дека сѐ има нов почеток, а ти се плашиш од почетоците… Се плашиш да си на почеток на нешто, а не знаеш во која насока да се движиш. Тебе ти треба недела која почнува од Среда, не за друго, средината ти е сигурна…не си ни ваму ни таму, си ја држиш твојата рамнотежа како да држиш марионета…а сигурноста е во твоите раце, ти ги мрдаш конците. Бура ти треба тебе, да те мрдне од монотонијата во која си ги оставаш градите додека дишеш тага. И на средина од таа бура да има мир, да те прегрне со рацете и да ти рече- Те чувам…само остани! Ех, среќо… Ти треба тебе некој што ќе те погледне во очите, ќе ти прошета низ душата…и нема да ја згази, зошто не е како сите останати. Ти треба некој што ќе води љубов со тебе додека навлегува во секоја пора на твоето истрошено тело… Да поминува со врвовите на прстите по тебе како да го истражува универзумот, да продира во секоја тајна во тебе што другите не ја знаат… да го избрише секој страв што другите го предизвикале. А се плашиш среќо, признај ми дека ти е страв да се предадеш? Не зашто не сакаш, поминало време откако некој го кажувал тоето име како да повикува светлина… можеби и премногу долго откако некој ти ги допрел усните и вдишал живот во тебе. Сите други беа крадци, ти ја крадеа среќата, ти ставаа превез на надежта, ја отруја смислата на љубовта. Затоа се плашиш од почетоците…зошто агонијата ти е врзана во круг- љубов, очај, лаги, поделби, одалечувања, збогувања. А те болат збогувањата, секогаш оставаш дел од себе во секое збогување… Немој среќо да забораваш, ако треба плачи, викај, откорни си ја душата во некое тивко ќоше кај што никој не гледа. И стани, избриши си ја тагата. Почни од почеток… Гушни го она што го сакаш и ќе биде сѐ добро… ти ветувам.

Маја Спасовска

Испратете и Вие ваш текст на info@ubavo.mk

Поврзани статии

Back to top button