Убави дестинации

Манастирски комплекс кој е рај за душата!

Манастирот заедно со конаците особено е погоден за летен манастирски туризам. Прекрасно место за духовен и телесен одмор. Во него има две цркви: Св. Богородица и Св. Атанасиј. Тој е рај за душа. Манастир кој влева надеж и сила на своите посетители.

Манастирската црква Свети Атанасиј е изградена во 1335 година, од монахот Антониј, кој подоцна станал прв Полошки епскоп Јоаникиј. За црквата Св. Атанасиј, најмногу податоци се добиени од записите на македонскиот преродбеник Кирил Пејчиновиќ и неговите ученици во 19 век. Со помош на најновите археолошки истражувања се откриени значајни податоци кои што сведочат дека градбата е врз стара црква од 6 век.

Црквата Света Богородица, постои од 13 век. Се спомнува во Грамотата од Стефан Дечански, од 1326 година. Во манастирскиот комплекс се наоѓаат и гробот и спомен-собата со епитафот на надгробната плоча на Кирил Пејчиновиќ. Тој е еден од најзначајните македонски преродбеници. Со самото негово доаѓање од Светата Гора, во 1818 година, биле обновени манастиркисте конаци, била основана манастирската библиотека, а Лешочкиот манастир прераснал во книжевен и просветен центар.

Во непосредна близина на манастирот е сместена и болницата за градни болести. Најголемите манастирски прослави и црковнонародни манифестации се одржуваат на празниците Св. Атанасиј на 15ти мај и Голема Богородица на 28ми август. Би било прекрасно доживување баш на една од тие дати да се решите да го посетите манастирскиот комплекс Лешок.

Поврзани статии

Back to top button