Убави книги и филмови

Предлог три книги кои се читаат во еден здив!

Избравме три книги кои ќе ги засакате уште од првата страница…

И така, ви велам… (Џон Клиз) Автобиографијата на Џон Клиз, И така, ви велам…, е сето она што се очекува од нејзиниот автор – луцидна, промислена, провокативна и пред сè – забавна историја за тоа како едно високо, срамежливо момче од Вестон-супер-Мер стана своевидна легенда. Во овој интензивен и реномиран мемоар, Клиз ги води читателите на една голема турнеја низ неговиот подем во светот на шоу-бизнисот поаѓајќи од скромните почетоци во сонливиот роден град и раните комични денови на универзитетот Кембриџ (во друштво на идниот партнер во славните „Монти Пајтон“, Греам Чепмен) до основањето на прочуената комична група што ќе му донесе светска слава. Низ изненадувачки приказни и смешни дигресии со кратки попатни поетички паузи за тоа што е смешно, според една своја издржана дефиниција, и зошто е така, Клиз ја раскажува личната метаморфоза од млад комичар во мајстор на изведбата.

Паника (Деса Мук) Медицинската сестра Вера се наближува кон четириесеттата година од животот и почнува да ја фаќа паника дека најубавото во животот веќе ѝ поминало.  Нејзиниот маж е досаден, ќерка ѝ не ја слуша, работата ѝ е сведена на рутина… нема возбудувања на видик. Згора на сè, еден гатач ѝ открива дека постои маж кој размислува за неа, но не се осудува да ѝ пријде. Вера почнува да верува дека само љубовта е излез од неподносливата ситуација и одлучува да скршне од патеката на брачниот живот. Но, на патот на сопственото будење, таа мора да совлада и некои компликации… Во својот роман „Паника“, популарната словенечка писателка, актерка и ТВ-водителка, Деса Мук, пренесува современа приказна за потрагата по среќа, при што смеата и солзите неочекувано брзо си ги заменуваат местата.

Што и да те прави среќен (Вилијам Сатклиф) Роман на кој е базиран филмот Otherhood на „Нетфликс”Џилијан, Хелен и Керол живеат во едно предградие и со години редовно заедно пијат кафе. Нивните синови сега се неоженети триесет и четиригодишници, без деца, никогаш не им се јавуваат и, се чини, никогаш нема да пораснат. Керол предложува секоја од нив ненадејно да го посети својот син, да помине со него една недела и да открие која е вистинската причина поради која не е во состојба да води одговорен живот на возрасна личност. Мет, Пол и Даниел се три целосно различни личности. Единствено заедничка им е паниката што ја чувствуваат кога ќе сфатат дека нивните мајки, и покрај нивното противење, решаваат да ги преземат нивните животи во свои раце. Резултатот ќе биде неочекуван, како за мајките, така и за синовите.

Поврзани статии

Back to top button