Убави книги и филмови

Книги кои ќе останат во вашето сеќавање долго…

За денес ви подготвивме предлог три книги кои вредат да бидат прочитани.

Без мерит (Колин Хувер) Семејството Вос е сè освен нормално семејство. Живеат во пренаменета црква, што таткото ја нарекува Долар Вос. Кога мајката, која преживува рак, почнува да живее во подрумот, таткото се преженува за нејзината поранешна медицинска сестра. На малечкиот полубрат не му е дозволено да прави или јаде што и да е забавно, а најстариот брат е иритантно совршен. Потоа, тука е Мерит. Мерит Вос собира трофеи што не ги освоила и тајните што семејството ја присилува да ги чува. Додека пребарува трофеи во локалната антикварница, го наоѓа Саган. Неговите духовитост и неапологетски идеализам ја разоружуваат и во неа повторно ја разгоруваат искрата живот – сè додека не открие дека тој е комплетно недостапен. Мерит уште повеќе се повлекува во себе, посматрајќи го семејството од страна, откривајќи тајна што ниту еден трофеј во светот не може да ја поправи. Не можејќи повеќе да живее во лага, Мерит решава да ја разниша илузијата за среќно семејство од кое никогаш не била дел и да ги напушти засекогаш. Кога планот за бегство не ù успева, принудена е да се справи со последиците од кажувањето на вистината и губењето на момчето кое го сака.

Инспирирај се за промени (Радмила Костова Мила) „Секој има своја приказна. Секој има свој пат, со свои предизвици, со угорнини и падови. И мојата е таква, не е права монотона линија. Во животот поминав многу предизвици. Ако ми кажеш дека нешто те боли, те разбирам, ме болеше и мене, многу. Ако ми кажеш дека те отфрлија, те разбирам и знам како ти било. Ако ми кажеш дека те повредија, те навредија, пак ќе те разберам и тоа им го дозволив. Ако ми кажеш дека некого изгуби, знам како ти е и јас изгубив. Знам што е болка, знам што е тага, знам што е отфрленост. Но, знам и што е храброст, упорност и борба за подобро јас, од тоа што бев вчера. Никогаш не се откажав се борев на начин на којшто знаев. И секогаш, во сè давав 100 %.“ „Инспирирај се за промени“ е трогателна, но истовремено и охрабрувачка приказна за еден навидум сосем обичен пар, изгубен во премрежјата на секојдневието, кој наоѓа доволно сила и мудрост да го препознае патот надвор од тунелот. Задолжително четиво за сите што се обесхрабрени од навидум несовладливите предизвици на современото живеење.

Холандска куќа (Ен Пачет) На крајот од Втората светска војна, Сирил Конрој го послужува среќата кога со една мудра инвестиција ќе создаде огромна империја со недвижнини, воздигнувајќи го семејството од сиромаштија до екстремно богатство. Неговиот прв деловен потег е купувањето на Холандската куќа, раскошен имот во предградијата надвор од Филаделфија. Предвидена како изненадување за неговата сопруга, куќата станува причина да ги изгуби сите што ги сакал. Приказната е раскажана од синот на Сирил, Дени, додека тој и неговата сестра Мев се избркани од куќата во која пораснале со нивната маќеа. Тие, од богатство, повторно се фрлени во сиромаштијата од која излегле нивните родители и откриваат дека можат да сметаат само еден на друг. Градат цврста врска што ги спасува нивните животи и ги исцртува нивните иднини. Раскажана во временски период од пет децении, „Холандската куќа“ е мрачна бајка за двајца паметни луѓе кои не можат да го надминат минатото. И покрај секој проблесок на успех, тие, со доза на хумор и гнев, се враќаат на добро чуваната приказна за она што го изгубиле. Кога најпосле се присилени да се соочат со луѓето кои ги оставиле, врската помеѓу попустливиот брат и неговата заштитнички настроена сестра е конечно тестирана.

Поврзани статии

Back to top button