Ми лазиш низ ходнициве на душава, полека, крадешкум…

Се обидувам да раскажам туѓи приказни, да ги погалам туѓите чувства…
Но, сето она од кое бегам во пресрет на денот, ме достигнува со копнежливите раце на ноќта.
Ми се прикрадува кога се опушта телото, па навлегува во секоја пора мое постоење.
И ти…
Ми лазиш низ ходнициве на душава, полека, крадешкум.
Ми ги превземаш мислите, убивајќи ја секоја инспирација за било каков збор.
Немоќно ти се предавам.
Како дух…
Така ги опседнуваш нештата во мене, создавајќи бодликава жица околу моето срце.
Стегаш, додека не почне да крвари.
Полека…
Гледајќи во моите очи, со желба за агонија. Крварам спомени.
Крварам додека крвта стигнува до колена, до половина…до врат…
Ме давиш со некое дамнешно “вчера”, заборавено во потсвеста на еден одамна изгубен ум.
Ме притискаш со шепот…
-Ајде, вдиши го незаборавот. Вдиши, нека се разлее низ тебе.
А тој, како најжив дел од едно срцебиење, не дозволува да биде заборавен.
Го слушам твојот крик. Ме потсетува на душевниот плач на сите оние, кои некогаш навистина сакале.
Како сенки помеѓу мисли, зборови, допири.
Изгубени.
И се обидувам да те бутнам од себе, а илузијата само повеќе ме привлекува.
Чувствувам горчина во устата, додека низ беззвучни гласови пробувам да пронајдам нешто познато и свое.Дојди! Така врискам нечујно.
Ме гледаш и се смееш, како да уживаш во улогата на џелат.
А јас…виновник кој својата душа одамна ја има оставено, на онаа бездушна гилотина. Истата таа изградена со лажни ветувања.
И подавам раце да те гушнам.
Ги допирам твоите дланки што некогаш беа светост.
Ме стискаш како да знаеш дека ти припаѓам.
И ме повлекуваш во твоите соништа.
Се обидувам да раскажам нешто што не постои.
Поживо од самиот живот.
Почнувам.
Застанувам.
Избледувам.

Маја Спасовска

Испратете и Вие ваш текст на info@ubavo.mk

loading...