Убави книги и филмови

Колку повеќе читаш – толку полесен живот живееш!

За денес одбравме три ептен интересни книги кои ќе го задржат вашето внимание се до последната страница.

Страст, предавства и оние два збора (Маја Божиновска) Адам и Ребека се заедно речиси откако знаат за себе. Тој нема убав спомен без неа, таа нема тажен спомен во кој тој не бил нејзиното рамо за плачење. Но со текот на годините, животот носи нови предизвици, амбиции, подеми и падови. Некаде по патот, ги проголтува тркалото на кариерата и ги раздалечуваат скриени стравови. И тогаш се случува најголемото од сите предавства. Нешто незамисливо. Нешто непростливо. Сега, Адам посетува психијатар и очајно бара сили да научи да продолжи да го живее животот. Но искрено, не е сигурен дали верува во живот по љубов… особено не по таква љубов. Ги лечи раните со низа девојки на кои не им ги ни помни имињата, но има едно име кое никако не може да го заборави, колку и да се бори. Ребека е навидум ладна и индиферентна на сѐ што се случува. Но вистината е дека има чувство дека светот ѝ е распаднат на милион парчиња кои злокобно кружат околу неа, а никако не може да ги спои и повторно да си го врати животот во нормала. Чувствува невидена болка, чувствува немир, празнина… како да ѝ недостасува цел еден дел од срцето. Но свесна е дека токму таа е виновна и мора да ја плати цената. И покрај тоа, нешто не ѝ дава целосно да крене раце од човекот кој некогаш ја сакаше повеќе од сѐ на светот, а сега ја мрази како никој друг на светот… А и како би можела, како ли се живее без парче од срцето?

Во врска со онаа ноќ (Џули Џејмс) ТОЈ ИГРА ИГРИ… И покрај тоа што Рилан Пирс се обидува да им се спротивстави на магнетските сили кои ја привлекуваат кон богатиот наследник Кајл Роудс првата ноќ кога се запознаваат, неверојатната хемија помеѓу нив не може да се игнорира. Но кога таа завршува извисена за нивниот прв состанок, Рилан претпоставува дека нема да го види никогаш повеќе. Па така, девет години подоцна, кога ќе се најде лице в лице со Кајл во судница, таа е шокирана и изненадена. Најголемиот проблем на убавата обвинителка е тоа што тој сѐ уште нездраво ја привлекува… НО ТАА ГИ ДИКТИРА ПРАВИЛАТА… Штотуку ослободен од затвор после неколкумесечна казна за голема глупост, Кајл Роудс воопшто не е возбуден што треба да биде главен сведок во важен криминален случај – но кога Рилан ќе тропне на неговата врата, тој сфаќа дека таа е единствената адвокатка на која не може да ѝ каже НЕ. Сѐ уште прекрасна и безобразна како и секогаш, таа ги диктира правилата: нема мешање на работа и задоволство. Но Кајл нема намера да се откаже од тоа што го сака – а тоа што го сака е единствената жена која никогаш не успеал да ја заборави.

Сонувај малку (Сузан Е. Филипс) Лошата среќа на Рејчел Стоун зема уште поголем замав. Со празен паричник, расипан автомобил и гладно петгодишно синче кое зависи само од неа, таа се враќа во градот каде што сите ја мразат. Но оваа решителна млада вдовица со скандалозно минато има поминато доволно во животот за да научи како да биде борец. Таа ќе направи сè за нејзиното дете да биде безбедно. Гејб Бонер сака само да биде оставен на мир, особено од страна на прекрасната протерана жена која без дозвола го сместува своето привремено живеалиште – расипан автомобил – на неговиот имот. Таа има безобразна уста, талент за проблеми и дете кое му враќа многу болни спомени. Сепак, постои шанса жестокиот дух на Рејчел да е баш она што му треба на овој тврдоглав, силен маж за да се врати во живот. Добредојдовте во Салвејшн, Северна Каролина – каде еден човек кој има заборавено што значи тоа нежност запознава жена која нема што повеќе да изгуби и заедно се впуштаат во смешно и трогателно патување на срцето… до место каде нивните соништа можеби и можат да се остварат.

Поврзани статии

Back to top button