Топ три книги кои нема да ве остават рамнодушни

Идеален период е да се одморите и да се опуштите читајќи нова, интересна и возбудлива книга.

Лето како во ‘Мама миа’ (Ени Робертсон) Лорел не ризикувала никогаш во животот. Сепак, како што се приближува летото, решена е да го направи она што никој не би го очекувал од неа. Инспирирана од музиката од омилената група АББА и уште поомилениот филм „Мама миа“, го зема пасошот и се качува на лет за Скопелос, подготвена да доживее летна авантура. Со звукот на брановитe, опкружена со прекрасни предели, Лорел го истражува островот и ужива во дружењето со ексцентричната сопственичка на шармантната вила во која е сместена. Волшебните зајдисонца, остриот вкус на виното, мирисот на морето, преубавите плажи: сето тоа и прираснува за срце. Меѓутоа, кога ќе се наметне прашањето за враќање во Лондон, ќе мора да донесе важна одлука…

Прашај ме повторно, ќе ти речам ’да‘ (Мери Бет Кин) Френсис Глисон и Брајан Стенхоуп, двајца полицајци-почетници во њујоршката полиција, живеат еден до друг во соседство надвор од градот. Она што се случува во двете куќи зад затворени врати – осаменоста на сопругата на Френсис, Лена, и нестабилноста на сопругата на Брајан, Ен – поставува сцена за експлозивни настани што следуваат. Прашај ме повторно, ќе ти речам „Да“ е приказна за долгогодишното пријателство и љубовта помеѓу ќерката на Френсис и Лена, Кејт, и синот на Брајан и Ен, Питер, што никого нема да остави рамнодушен. Брилијантно, емотивно и искупувачки, оваа книга открива како спомените од детството се менуваат од дистанца на зрелоста – негативците не се веќе закана, а невините и не се баш наивни. Љубовната приказна на Кејт и Питер, тестирана од ехото од минатото, е обележана со нежност, дарежливост и милост.

Што направи?! (Клер Мекгован) Требаше да биде совршено повторно обединување: шест пријатели од средно заедно по дваесет години. Домаќинката Али има живот каков што посакувала отсекогаш, кариера со која може да се гордее и прекрасно семејство со нејзиното момче од средно, сега сопруг. Но, таа вечер нејзината најдобра пријателка искажува шокантно обвинение по кое ништо нема да биде исто. Кога Карен влегува од градината, крвава и повредена, тврди дека била нападната од сопругот на Али, Мајк. Али мора да одлучи веднаш: кому да му верува? На нејзиниот преплашен сопруг или на најдобрата пријателка? Мајк раскажува сосем поинаква верзија на настаните, Али знае дека еден од нив лаже – но кој? И зошто? Хаосот што го зафаќа нејзиниот живот ја принудува да ги преиспита златните години што групата ги поминала заедно. Али сфаќа дека има и помрачни сеќавања. Сеќавања што лежат закопани со децении. Сеќавања за кои некој би убил за да ги заштити.

loading...