Како кукавица од себе побегнав…

Денот кога умрев е обичен, еден од многуте претходни, исти и празни…
Тој ден ја сретнав смртта во празна соба, замаглено светло и тишина. Ме погледна длабоко во очите, како да бараше проклетата трошка каење, молба за да ме остави…
И ми ја зема раката, со неа напиша проштално писмо, навезе имиња како јажето околу врат што ми беше распослано…

  • Кажи ми што сакаш ? ме праша проклетата…
  • Не знам, одговорив простум, како да не беше важен животот…А во себе врискав, како да не го гледа немирот, како да не ја гледа желбата…Проклетата не знае колку копнеж има врежано во срцево, не знае колку љубов истурена како врела крв на постела е разлеана во телово
  • Знам дека имаш желба, една, последна…кажи ми што сакаш ? проговори како грмотевица во тивка ноќ…
  • Твојот глас да го слушнам сакав…Твојата рака да ја допрам посакав…Твоите усни да ми шепотат како светот е преубав а ние сме посебни, ние ја гледаме неговата хармонија…И сакав да ти напишам за последен пат стихови, да ме нема мене а ти да живееш…Како кукавица од себе побегнав…-Не знам ! Не ме прашувај ! Желбите се за да се исполнат, јас немам време…не повеќе…
  • И уште ли ќе се плашиш, и сега кога е последното што можеш да го направиш ? го смири татнежот во својот глас…Дури и смртта ја почувствува мојата болка…
    Напишав зборови…на празен лист, тоа беа моите копнежи…
    Твоето име се повторуваше, твоето име ме оживуваше…
    Денот кога умрев е обичен, едноставен…тоа е денот кога те посакав, кога по тебе посегнав…Не е смртта таа што ме зема. Жива да сум а да не живеам…Денот кога умрев е кога не можев низ сенки да те дофатам…

Маја Спасовска

Испратете и Вие ваш текст на info@ubavo.mk

loading...