Убави книги и филмови

Викенд, кафе и книга – добитна комбинација!

Викендите за уживање, па и овој викенд поминете го слободното време квалитетно, со добра книга која ќе ве релаксира и ќе ви го задржи вниманието се до последната страница.

Мојата прекрасна сопруга (Саманта Даунинг) Едно случајно убиство кај една млада брачна двојка ќе поттикне мрачни желби за игри што ги надминуваат границите на дозволеното. Нивната љубовна приказна е едноставна. Запознал прекрасна жена, се вљубиле и добиле деца. Заедно со својата жена се преселил во едно предградие. Откриле кои се нивните најголеми соништа, но и најмрачни тајни. Потоа сè им станало здодевно… Изгледаат како секоја нормална двојка. Тие се ваши соседи, родители на другарот на вашето дете, познајници со кои ќе седнете на вечера. Сите ние имаме тајни со чија помош го одржуваме бракот жив. Нивната е како да побегнат од одговорноста за убиствата. Тие се воигран тандем во кој секој ја знае својата улога. Но, кога едниот од нив ќе ги прекрши правилата на игра, одмаздата што го чека ќе биде страшна…

Разделба (Силвија Араси) Отсуство. Што да се прави со тој празен простор, со таа тишина што обзема сè? Како да се издржат бесконечните секунди во кратките секојдневија, кога некој веќе не е присутен каде што секогаш бил? Едно утро, Лусија се буди и гледа во човекот што спие покрај неа – како и секое утро во последните петнаесет години. Но, во следните неколку часови, тој човек ќе биде нејзиниот поранешен сопруг и ќе го напушти нејзиниот кревет, нејзиниот дом, нејзиниот живот. Преку својата јасна и воодушевувачка проза, Силвија Араси нè вклучува во секојдневието на протагонистката, во нејзините емотивни состојби и нејзините спомени. Ликот на Лусија ќе го препознаваме секогаш кога отсуството ќе биде дел од нашите животи.

Анонимна девојка (Грир Хендрикс и Сара Пеканен) Кога Џесика Фарис ќе се пријави да учествува во психолошка студија спроведена од мистериозната д-р Шилдс, мисли дека сè што треба да направи е да одговори на неколку прашања, да ги земе парите и да си оди. Но, како што прашањата стануваат сè поинтензивни и поинвазивни, а сесиите со сè повеќе барања, од типот што да облече и како да се однесува, Џес почнува да чувствува како д-р Шилдс да знае што мисли… и што крие. Како што расте паранојата на Џес, станува јасно дека веќе не може да разликува што е реално во нејзиниот живот, а што е дел од манипулативните експерименти на д-р Шилдс. Заробена во мрежата на измама и љубомора, Џес мошне брзо сфаќа дека некои опсесии можат да бидат смртоносни.

Поврзани статии

Back to top button