Луксуз стана и прегратката

Земја на духови

Се прашував каков наслов да му ставам на овој мој пост и мислам дека овој совршено одговара на моменталната состојба поврзана со вирусот кој буквално коси насекаде во светот…
Колку е тажно и уште подепримирачки делува кога насекаде околу вас гледате луѓе исплашени за својот живот и за животот на нивните најблиски, поточно гледате само очи над неколкуте заштитни маски, очи во кои преовладува стравот и неизвесноста…Се прашувам каде исчезна чувството на емпатија и она чувство на човечност меѓу луѓето… Ќе сретнете некого на улица,некој близок на кој што ви доаѓа да му скокнете буквално во прегратка и да го изгушкате бидејќи не сте го виделе одамна, но наместо тоа му подавате тупаница како поздрав и знак на почит бидејќи се плашите да не ви го пренесе и да не му го пренесете вирусот доколу го имате. Велат дека прегратката го намалува стресот, но тоа за жал ни стана луксуз. Луксуз стана и прегратката дури и меѓу своите најблиски бидејќи стравот преовладува и тука… Ми недостига тоа чувство на блискост… Ми недостига да си ја гушнам својата мајка и да го осетам истото она чувство како кога бев дете и кога таа ќе ме гушнеше бев најсреќното и најсигурното суштество на светот.
Се прашувам дали доколку луѓето малку повеќе имаат верба дека сиот овој кошмар наскоро ќе заврши и имаат малку повеќе верба во Господ, целата оваа ситуација ќе добие поинаков тек. Нели стравот го труе животот и го намалува имунитетот, зошто тогаш наместо секојдневно се труеме со негативни информации за тоа колку новопочинати и новозаразени има дента, не се преориентираме кон нешто што не исполнува и не прави среќни. Секој еден човек има барем едно нешто што го прави среќен, го исполнува и го релаксира. Можеби е тоа прошетка во природа, слушање на омилената музика, читање книга… Можеби сето ова на некого ќе му биде смешно, но доколку секој ден се применува можеби ќе ни прејде и во навика.
Многу луѓе изгубија свои блиски луѓе, роднини, пријатели, колеги, соседи… Јас изгубив родител од проклетиов вирус, меѓутоа едноставно мораме да се соочиме со реалноста и да се помириме со тој факт. Против Божјата волја не се може… Можам јас лично само да му се заблагодарам што имав таков татко и што беше дел од мојот живот и ние дел од неговиот…Едноставно мораме да продолжиме понатаму, тие луѓе вечно ќе живеат во нашите спомени и срца.
Никој не знаеме што носи денот, што носи животот… Зошто едноставно не се препуштиме на животот и не почнеме да му се радуваме на истиот, бидејќи секој ден ни е подарок од Бога и треба да се обидеме да го извлечеме максимумот од него наместо да живееме од ден за ден… Залудно е да се грижиме за нешто што не знаеме дали ќе се случи, нели?
Да подадеме рака таму кај што сме потребни, да кажеме и упатиме убав збор некому, макар тоа било и човек кој што првпат го среќаваме и случајно сме го сретнале… На цвеќето кога му посветувате внимание и љубов, дури и на него да му кажете убав збор, тоа ќе стане нешто најубаво што сте го виделе во животот. Ќе плени со својата убавина. Замислете што ќе се случи кога тоа го примениме и на човек. Тоа им недостига на луѓето. Нешто убаво, нешто што ќе ги подкрене, нешто што ќе направи да се почувстуваат живи…
Освен тоа што на нив ќе им го разубавиме денот, ние ќе се чувствуваме исполнети и среќни затоа сме биле дел од нечија среќа, нечиј убав ден…
Ништо не трае вечно на овој свет,ниту лошото ниту пак доброто… Се ќе помине,треба само да бидеме храбри и да бидеме надежни. Кога е лошо, да се молиме побргу да заврши, кога е добро да се молиме да потрае.
Нема ништо поубаво од тоа кога ќе видите среќен човек, тој едноставно зрачи и едноставно осветлува се околу него и на него ништо не може да му наштети. Неговата енергија едноставно се чувствува насекаде околу него, неретко и се пренесува на луѓето околу него.
Од срце посакувам кај секој еден од вас таква енергија, енергија од која што секое зло ќе се изгуби и никогаш повеќе не се врати и ви посакувам од срце на сите таква насмевка на вашите лица од која што ангелите ќе и позавидат.
Љубов да ви се случува,емпатија да ве обземе, здравјето и среќата да ви се верни сопатници…Ете тоа посакувам на сите вас драги мои…Кога нешто од срце и од дното на душата ќе го посакате, не постои сила што тоа ќе го спречи да се случи 🙂

Оливера

Испратете и Вие ваш текст на info@ubavo.mk

loading...