Од васУбави муабети

Психолог Ангелина Василевска – Не постои човек кој не лаже

Не постои човек кој не лаже.
Со концептот лага се подразбира недостаток на вистината, нејзина спротивност. Секој различно реагира на лагата. Некои луѓе се навредуваат ако се излажани, кажувањето лаги ги иритира, други пак веруваат во се што ќе слушнат или видат. Токму со таквите луѓе (вторите), лажговците манипулираат премногу лесно.
Како и да е лагата е негативна особина која секој човек во извесна мера ја поседува. Како карактеристика на личноста таа многу добро не опишува, и има огромно влијание врз нас и врз нашата психа и психата на другите околу нас. По дефиниција лагата е исказ кој не е вистинит или претставува намерно искривување на вистината. Таа е обид на оној кој ја кажува да избегне или да добие нешто и слично. Ситните лаги се нарекуваат уште и бели лаги. Тие се кажуваат обично кога ќе се најдете во некоја непријатна ситуација, па од општа култура за некој да не биде навреден вие кажувате мала лага. Понекогаш нашата различна перцепција и нејзината вербализација за другите луѓе претставуваат лага бидејќи не се поклопуваат со нивните погледи за сеопшто функционирање во општеството. Постојат и т.н разорни за себе лаги, а тоа се лаги кои вие ги потврдувате како вистина. Не дозволувајте ваквиот вид лаги да ви наштетат толку многу што навистина би ви ја раскинале душата. Најчесто луѓето ја користат лагата како заштита. Сметаат дека преку неа ќе се сокријат, сакаат да се прикажат во своето најдобро светло, да измислат работи за себе, а со самото тоа се лажат најмногу себеси, затоа што преку искажаните лаги си набиваат сами на себе разни комплекси, се омаловажуваат, не си ја ценат доволно сопствената личност, ја намалуваат својата самодоверба наместо да ја градат кон
подобро. Понатаму таквиот образец на неискрено однесување останува во вашата личност и вие повторно и повторно ќе сакате да го користите, тој станува дел од вас. И на тој начин вие уште повеќе се вплеткувате во својата мрежа од лаги. Затоа обидете се што е можно повеќе да ја кажувате вистината, да бидете повеќе искрени и кон себе и кон другите. Бидејќи лагата носи тежина на сечија душа, без разлика дали е кажана или направена преку одредени постапки.
Токму затоа трудете се воопшто да не лажете, бидејќи вистинските луѓе ќе ве ценат такви какви што сте со сите ваши квалитети, маани и недостатоци, а лагата само ќе ја разори вашата душа преку концептот за постигнување сопствено совршенство. Запаметете дека тој концепт никогаш не се постигнува. Токму затоа ценете ја вистината и секогаш кажувајте ја макар и да се разочарате или бидете повредени, бидејќи нема полошо од живеење во свет на сопствените лаги.

Автор: Психолог, Ангелина Василевска

Поврзани статии

Back to top button