Убави книги и филмови

Три романи кои вредат да бидат прочитани!

За денес одбравме три книги кои навистина се со интересна содржина, книги кои вредат да бидат прочитани.

Живот (Ајше Кулин) Во овој роман, Ајше Кулин преку своето писателско перо нѐ поведува на патување низ нејзиниот живот…
Бдеејќи над смртната постела на својот татко, таа се присетува на еден дел од својот животен пат, период од четириесет години по раѓањето во 1941. Спомени во кои е испреплетен ликот на нејзиниот татко како најголема животна потпора, семејните случки, но и политичките превирања и општествената состојба во татковината Турција од 1941 година. Импресивни сеќавања, кои се и тажни, и воодушевувачки. По смртта на нејзиниот татко, како што вели и самата, ниту таа, ниту родната земја не останале исти, преобразени се со сопствени сили, надминувајќи ги своите слабости. 
Ајше Кулин, една од најпопуларните писателки на современата турска книжевност, вешто ги ткае сите тие спомени и ни ги пренесува, гледани низ нејзините очи…

Кога месечината е ниско (Надија Хашими) Воодушевувачки, застрашувачки и триумфално, „Кога месечината е ниско“ ја следи одисејата на една храбра Авганистанка во спасувањето на нејзиното семејство.
Во Кабул се сретнуваме со Фереиба, учителка која зад себе го остава проблематичното детство наоѓајќи љубов во договорениот брак. Но, удобниот живот на Фереиба се разурнува кога Талибанците доаѓаат на власт и нејзиното семејство станува мета на новиот фундаменталистички режим. Принудена да избега со своите три деца, Фереиба има една надеж за опстанок: да побара засолниште во семејството на својата сестра во Лондон.
Патувајќи со фалсификувани документи и зависејќи од добрината на непознати луѓе, Фереиба и децата го започнуваат своето измачувачко патешествие како бегалци. Во тајниот свет на илегалците кои живеат на улиците на европските градови, нивната судбина доживува застрашувачки пресврт кога синот на Фереиба, тинејџерот Салим, се одделува од остатокот од семејството.
Со скршено срце, Фереиба нема друг избор освен да продолжи понатаму со својата ќерка и со бебето – но мајката и синот ќе ги преминуваат опасните граници една по друга, ризикувајќи ги своите животи, во надеж дека ќе најдат место каде што ќе можат повторно да се обединат.

Мали огнови насекаде (Селест Инг) Од најпродаваниот автор на „Сè што никогаш не ти кажав“, возбудлив роман кој ги следи испреплетените судбини на совршеното семејството Ричардсон и загадочните мајка и ќерка, кои прават пресврт во своите животи.
Во Шејкерс Хајтс, спокојно, прогресивно предградие на Кливленд, сè е планирано – од изгледот на кривулестите патишта, до боите на куќите и успешните животи на нивните жители. И никој не го отелотворува овој дух повеќе од Елена Ричардсон чиј принцип, според кој се води, е да игра според правилата.
Се појавува Миа Ворен, енигматичен уметник и самохрана мајка, која ќе пристигне во овој идиличен меур со својата ќерка тинејџерка, Перл, и изнајмува куќа од Ричардсонови. Наскоро, Миа и Перл стануваат повеќе од станари: сите четири деца на Ричардсонови се привлечени од мајката и ќерката. Но, Миа со себе го носи и своето мистериозно минато и не се грижи за состојбата на статус кво што се заканува да ја шокира оваа внимателно уредена заедница.
Кога старите семејни пријатели на Ричардсонови се обидуваат да посвојат бебе со кинеско-американско потекло, битката за старателството еруптира толку драматично што го поделува градот – и ги става Миа и Елена на спротивставени страни. Сомневајќи се во Миа и во нејзините мотиви, Елена решава да ги открие тајните од минатото на Миа. Но, нејзината опсесија ќе даде неочекувани и разорувачки резултати.
„Мали огнови насекаде“ се занимава со тежината на тајните, природата на уметноста и на идентитетот, и со опасноста од верувањето дека ако се игра според правилата, може да се спречи катастрофа.

Поврзани статии

Back to top button