Убави книги и филмови

Читањето го подобрува животот!

Богат е оној кој чита! За денес одбравме три навистина интересни книги кои ќе останат во вашето сеќавање долго откако ќе ги прочитате.

Шефот од соништата (Вај Киленд) Вечерта кога го запознав Чејс Паркер, не оставив добар прв впечаток. Се криев во ходник пред тоалетите во еден ресторан за да ѝ оставам порака на мојата најдобра другарка да ме спаси од ужасниот прв состанок. Тој го наслушнал мојот муабет и ми рече дека сум кучка, а потоа продолжи да ми дели љубовни совети. Па му реков да си брка негова работа на тоа високо, арогантно, згодно копиле и си се вратив на мојот состанок. Кога помина покрај мојата маса, цинично се насмевна и го гледав како самобендисано се враќа на масата кај неговата придружничка. Толку бев изиритирана од неговата дрскост, што не можев да не ѕиркам повремено во негов правец во текот на вечерта. И се разбира, ме забележа повеќе од еднаш, и ми намигна. Кога згодниот непознат маж и неговата подеднакво секси девојка одеднаш дојдоа на нашата маса, мислев дека ќе ме издаде. Но тој се преправаше дека се знаеме и почна да раскажува детални, засрамувачки приказни од нашето фиктивно детство. И мојот здодевен состанок одеднаш стана бизарно возбудлив. Кога се разделивме, мислев на него повеќе отколку што требаше, иако знаев дека никогаш веќе нема да го видам. Мислам, колкави се шансите да налетам на него во град со осум милиони луѓе? Колкави се шансите да излезе дека некој месец подоцна, баш тој ќе ми биде новиот секси шеф?

Криптолог (Изабела Малдонадо) За еден безмилосен сериски убиец кој никогаш не простува и не заборава, таа е единствената која му побегнала. Сѐ досега… ФБИ агентката Нина Герера побегнала од стапицата на сериски убиец кога имала шеснаесет години. Години подоцна, ја напаѓаат додека џогира во парк, и видео снимката од нападот масовно се споделува на социјалните медиуми. Многумина се импресионирани од нејзините боречки вештини, а помеѓу нив и човекот кој ја киднапирал пред единаесет години – кој исто така ја има видено снимката. Решен да ја врати назад единствената која му побегнала, извршува грозоморно убиство со цел да ја вовлече неа во истрагата… но неговите игри штотуку почнуваат. И го користи интернетот за да ја покани и јавноста да учествува. Благодарение на неговите шифрирани загатки, тој станува супер ѕвезда на социјалните медиуми – енигматичен сајбер дух познат како „Криптологот“ – но за Нина е само чудовиште кое таргетира ранливи жртви. Заедно со својот партнер, легендарниот Вејд, кој и самиот има духови во минатото, Нина го лови предаторот низ целата земја. Трага по трага, жртва по жртва, Нина ита да го запре смртоносниот убиец додека целиот свет гледа.

Ѕвончиња во снегот (Сара Морган) На времето, Кајла Грин го обожавала Божиќ. Сега, единствената божиќна желба ѝ е „најмагичниот период од годината“ да помине што е можно побрзо. Па, кога должноста ја повикува во снежниот Вермонт да склучи договор со нов клиент, Кајла е благодарна за можноста да ги избегне празниците и оваа година. Џексон О’Нил го оставил зад себе успешниот бизнис за да се врати дома и да го спаси скијачкиот ресорт на неговото семејство – тој ресорт и семејството му се најважното нешто на светот и не може да дозволи сѐ да биде уништено. Сега, кога тој ангажира маркетинг-експерт, Кајла Грин, да работи со него и да го истакне Снежниот Кристал на мапата, успехот е на повидок. Искрата меѓу нив доволна за да ги напојува сите божиќни сијалички во Вермонт е само дополнителен бонус. Кајла можеби е експерт за нејзината работа, но таа дефинитивно е надвор од својот елемент во близина на Џексон, особено во (за неа) неподносливата божиќна атмосфера во идиличниот Вермонт. Снег, санки со хаски, накитени елки и божиќни ѕвончиња на сите страни… ѝ доаѓа веднаш да се спакува и да побегне од таму. Но, можно ли е Џексон да биде оној кој ќе ја натера Кајла повторно да се вљуби во Божиќ?

Поврзани статии

Back to top button