Ја слушнавте ли првата заедничка песна на македонските диџеи и продуценти Деловски и Томи Тасев?!

Riot е првата заедничка песна на македонските диџеи и продуценти Деловски и Томи Тасев. Песната, која е во издание на продуцентската куќа Smthngelse од Германија, веќе е промовирана на Spotify, iTunes и сите поголеми стриминг платформи во светот.

„Идејата за Riot  се роди лани во ноември. Најдов предобар машки вокал, кој веќе го испеа текстот и решив да направам песна базирана на вокалот. За кратко време ја имав првата демо верзија на песната. Бидејќи сакав да направам мали измени во текстот, го исконтактирав вокалистот, а тој ми одговори дека има потпишано ексклузивен договор со продуцентската куќа што ги издава неговите вокали и дека не смее да прави измени на испеаното“, вели Деловски.

Тој потоа демото му го испратил на Тасев и заедно решиле да најдат македонски пејач кој би ја испеал песната онака како што тие ја замислиле.

„Исконтактираве неколку музичари, сите беа добри, некои и над нашите очекувања, но на крајот решивме да ја издадеме Riot со првичниот вокал. Со Томи ја завршивме песната пред неколку недели и сега конечно ја промовираме преку германската продуцентска куќа со која имаме потпишано договор“, додава Деловски.

Деловски е музички продуцент и диџеј од Скопје, кој е дел од електро сцената од 2011 година. Тој е еден од најреномираните mashups/edits DJ-и на балканов. Ова реноме го стекна преку познатата диџеј страна demodrop.com, каде што го следат над 13.000 диџеи од светот и ги пуштаат неговите едити на своите настапи.

Дел од нив, се пуштани на најголемите фестивали во светот како што се Tomorrowland и Ultra Music Festival, па и на светски радио станицимеѓу кои BBC Radio 1 London и Hakkasan Las Vegas Radio. 

Деловски настапува во многу клубови и локали низ земјава. Освен што настапува како диџеј, тој во иднина најавува соработка со познатата македонска етно група „Синтезис“ и со еден од најдобрите македонски бендови „Нокаут“.

Томи Тасев е македонски диџеј, продуцент и музичар, со седиште во Сент Гален, Швајцарија. Неговата музичка приказната започна 2006 година, кога почнал да пее и да свири пијано во училишниот бенд. Во 2013 година почнува да се занимава со музичка продукција, една година подоцна да работи и како диџеј.

Во 2018 година Тасев ја издава својата прва песна Broken, со што почнува да се менува и неговата музичка кариера. Шест месеци подоцна следи One Look One Smile, а во 2019 година настапи на еден од најголемите летни настани во Македонија, Струмица опен фестивал.

Тој неодамна доби признание од Спотифај како артист со еден милион преслушувања на оваа музичка платформа.

loading...