Убави книги и филмови

Три книги кои ќе го задржат вашето внимание се до последната страница!

За денес одбравме предлог три супер интересни книги кои вредат да бидат прочитани.

Господарката на степата (Волфганг Јетке) Никој не може да избега од судбината: „Господарката на степата“, третиот роман во сагата за легендарните коњаници на скитските народи. Таа е гордост на нејзиното племе: Мања е најсилниот борец на Сарматите, која многумина ја сметаат за најдобра кандидатка за наследничка на кралицата. Но, судбината си поигрува со животот на младата жена. Мања не гледа друг излез, освен да го напушти својот народ. Поминуваат години пред да се сретне со пустиникот Артан, кој некогаш бил еден од најстрашните водачи на Скитите – коњаници што ги мразат Сарматите. Оваа средба менува сè, но дали Мања може да го заборави минатото што ја оптоварува и повторно да стане воин, каков што му е потребен на нејзиниот народ повеќе од кога било досега? Во големата трилогија на Волфганг Јетке, седмиот век пр.н.е. и античките народи, кои требало да заминат во историјата како Амазонките и кентаврите, повторно се будат. Волшебен роман за судирот на матријархатот и на патријархатот, полн со авантури, манири и обичаи, кој фасцинира и прави да се наежите.

Изброј ги ѕвездите (Лоис Лаури) „Колку си храбра, малечка Анемари?“ Годината е 1943, а за Анемари Јохансен, животот во Копенхаген е сложена смеса од обичното домашно и училишно секојдневие, недостигот од храна и постојаното присуство на нацистички војници на улиците. Храброста се чини како нејасна доблест, што ја поседуваат витези што убиваат змејови во приказните што ù ги раскажува на помалата сестра, Кирсти. Додека германските трупи ја почнуваат мисијата за „релоцирање“ на сите Евреи од Данска, семејството Јохансен ја згрижува најдобрата другарка на Анемари, Елен Росен, претставувајќи ја како дел од семејството. Девојчињата живеат како сестри, сè додека не стане јасно дека треба да се стори нешто повеќе за да се спасат Елен, нејзиното семејство и сите Евреи од Данска. Во оваа приказна за хероизмот на една цела држава, нарацијата за данскиот отпор и нивниот план да го прошверцува целото еврејско население од Данска – речиси седум илјади луѓе – преку море до Шведска е раскажана со гордост и со надеж низ очите на едно мало девојче.

Скротени (Ема Чејс) „Број еден – луѓето не се менуваат. Не постои магичен куршум…. Она што го гледате е она што го добивате. Секако, одредени навики може да се дотераат. Да се зауздаат. Како мојата склоност кон избрзаното осудување“, вели Дру во една прилика. Ема Чејс си поигрува со чувствата на ликовите за да ги му открие посакуваните одговори на читателот. Кога ќе направите споредба од двете перспективи сфаќате колку е лесно да се нарушат односите во љубовната врска, семејството или меѓу пријателите. Но, и колку е тешко да се врати довербата особено ако некому е направена неправда. Стилот на Чејс е лесен, заводлив, забавен и прави книгата да не ја испуштите од раце. Крајот го открива почетокот на книгата „Скротени“, односно како најдобрите пријатели на Кејт и Дру се справуваат со заљубувањето. Но, тоа е веќе сосема друга приказна.

Поврзани статии

Back to top button