Убави вести

17 години Meѓународна ликовна колонија „Де Ниро“ Битола


Ликовни уметници од Германија, Србија, Саудиска Арабија, Црна Гора, Грција и Македонија ќе бидат дел од 17-тото издание на Меѓународна колонија „Де Ниро“Битола, која што ќе се одржи од 20-ти до 27-ми август во Културниот центар на Меѓународна колонија „Де Ниро“ во с. Цапари, како и на различни локации низ Битола.
„За мене како организатор, е големо задоволство и истовремено огромна одговорност да се одржи оваа традиција која трае еве веќе 17 години. Континуитетот на колонијата успеваме да го задржиме иако веќе втора година по ред сме на сред здравствена криза предизвикана од вирусот Ковид 19. Оваа година придружната програма на колонијата започнува со меморијалната изложба на ликовни дела од Миливоје Новаковиќ – Кањош, врвен ликовен уметник и прв уметнички директор и еден од двигателите од самите почетоци на Меѓународната ликовна колонија “Де Ниро”, кој за жал во 2020 та го напушти земскиот свет, но преку неговите извонредни дела ќе биде
дел од Колонијата и тие ќе говорат за него” – изјави Драги Филевски, организатор на колонијата.
Оваа година, во рамките на колонијата, ликовниот уметник Мирослав Масин, голем пријател на колонијата,ќе започне со работа на мозаик, кој ќе биде прво вакво уметничко дело во неговиот богат и разновиден опус. Мозаикот ќе биде на површина од 100 м2 и ќе биде поставен во рамките на Културниот Центар на Меѓународната ликовна колонија Де Ниро, лоциран во с. Цапари.
Во текот на овие 17 години на колонијата учествувале околу 200 ликовни уметници од 30 држави од Европа и Светот кои досега создале речиси 500 уметнички дела. Токму оваа година од колонијата, треба да произлезе јубилејното – 500-тото по ред уметничко дело.
„Оваа година особено ме радува збратимувањето на Меѓународна ликовна колонија „Де Ниро“ со Меѓународно графичко триенале Битола, реномирана манифестација со богата традиција и континуитет, основана во 1994 година во Битола, што ќе биде значајно за натамошниот раст и развој и на двете институции“-изјави организаторката на колонијата Силвана Филевска.
Во рамките на богатата и разновидна програма ќе бидат реализирани и следниве настани: „Ден на уметноста“, во чест на Благоја Стефановски-Баге, еден од бардовите на македонската култура, а ќе се реализира на една посебно избрана локација – мало село Ротино, потоа изложбата на Панде Петровски од циклусот Хераклеа, како и соло перформансот на Бранислав Николов кој всушност е заеднички проект на ОХО продукција и Меѓународна ликовна колонија Де Ниро и е најава на “Игнатиа фестивал“, посветен на античкиот пат Виа Игнација, кој идната 2022 година е предвидено да го има своето прво издание, а истиот во својата програма ќе вклучува музика, филм, театар, други изведувачки уметности,гастрономија итн…
Исто така дел од офф програмата на 17 тата Меѓународна ликовна колонија Де Ниро ќе бидат и музичките перформанси на Зарина Првасевда, Јасна & friends, како и КУД Илинден Битола кои ќе изведат фрагмент од богатиот репертоар на градски игри.
Затворањето на овогодинешното издание на Меѓународната ликовна колонија Де Ниро на 27.08.2021 година, ќе биде симболично и во духот на истрајноста и континутитетот на оваа наша иницијатива, со отворање на изложбата азбука на ликовниот уметник Сергеј Андреевски, изложба посветена на великанот Блаже Конески, кој е и А и Ш во нашето современо живеење како што милува да каже Сергеј. “Изложбата ја нареков АЗБУКА , со цел да се разбуди јавноста за значењето на македонската кирилична азбука и нашиот јазик, особено сега, кога секојдневно е оспоруван, но и поддршка за славење на името и делото на научникот, творецот и создателот на нашата
современа азбука Блаже Конески, во годината кога се одбележуваат 100 години од неговото раѓање. Изложбата АЗБУКА е циклус од 31 слика” – посветена на секоја буква од нашата азбука која има своја приказна, свој свет, ни изјави Сергеј Андреевски.

Поврзани статии

Back to top button