Интервју со Ивана Кнез: Многу е тешко да си жена денес…

Ивана Кнез е млада македонска дизајнерка која стои зад брендот Драма, кој силните жени го обожаваат. Нејзините креации се храбри, совршени, поинакви и ги издвојуваат од толпата оние жени кои се горди сопственички на парче облека или накит за чие создавање е заслужна Ивана Кнез. Во ова интервју за ubavo.mk, таа зборува за почетоците на Драма, за модната сцена кај нас и за стилот на македонските жени.

ubavo.mk: Како започна приказната за Драма?

Со подарок за мајка ми за роденден. И направив ѓердан пред седум години кој спонтано прерасна во моден бренд, а веќе полека во модна куќа. И со мојот прекрасен десетгодишен мачор Радован кој го направив бесмртен со тоа што го претворив во логото на брендот, Драма Лавкетс.

ubavo.mk: Колку е тешко да се биде моден дизајнер во мала земја како што е нашата?

Сè е тешко кога видиците се затворени и менталитетот лимитиран. На многу мал простор со сериозни политички и општествени проблеми, тешко е да се бидува, а не пак да се работи. Но, јас верувам во моќта на работата, во идентитет, мотив и позитивен став и сметам дека тоа се основните начела кои го олеснуваат секој проблем од секојдневието.

ubavo.mk: Што е она што и недостасува на македонската модна сцена?

Самостојност, силен печат, храброст, финансии, и идентитет. Од непознати причини сите сакаат да изгледаат идентично, постои огромна количина на страв и несигурност и сето тоа резултира со едноличност та дури на моменти и досада.
Светот е тргнат во поинаков правец во моментов, сè е помешано и премногу достапно, сметам дека само нè проголта таа тенденција на Сè.

ubavo.mk: Имате работено и како костомограф. Кој е предизвикот таму?

Како костимограф не работам веќе неколку години. Моменталните теми на обработка на нашиот пазар не ги сметам за предизвик. Тоа е тема која јас ја сфаќам многу лично, па некој следен проект ќе биде од мене за моја душа, меѓутоа со одврзани раце. Настојувам да бидам бескрајно луда кога е костимографијата во прашање. Таа е мојот издувен вентил.

ubavo.mk: За кого би сакале да креирате?

За секоја жена која се познава и сака себе си.

ubavo.mk: А, за која позната жена би сакале да креирате? Зошто?

Ријана. Затоа што не се плаши.

ubavo.mk: Кога е стилот во прашање, какви се македонските жени?

Ние сме во моментален општествен хаос, со комплетно поместени начела и норми, па така и критериуми. Медиумски сме бомбардирани со погрешни информации и акцент на погрешни идоли.
Македонската жена е сè, и мајка и сопруга и домаќинка и бизнисменка … Ретко која во сите тие улоги наоѓа волја да биде стилски дефинирана и им се поклонувам до земја на тие жени. Многу е тешко да си жена денес, носиме огромен товар на нашите рамена.

ubavo.mk: Која е Ивана Кнез кога не создава модни напрчиња и додатоци? Со што го исполнувате слободното време?

Чува кактуси, поминува време со нејзините миленици, и со го сака животот комплетно.

ubavo.mk: Која е вашата дефиниција за убавина?

Од внатре е. Знам дека сите го велиме тоа, но ретко кој го исполнува, ниту силикони, ботокси, прескапи фустани и штикли не можат да го прекријат душевниот немир. Кога сте задоволни со себе, блескате, тогаш и мене сте ми убави.

 

loading...