Ќе те претплатам на вечна љубов и вечни времиња ќе те љубам и губам и во пости и пред гости само да ме сакаш

Умилкување

Ќе ги отпретам сите горештини од твојата глава,
ко суво дрво на сува рида реките ќе ги заковам.
Ќе те претплатам на вечна љубов и вечни времиња
ќе те љубам и губам и во пости и пред гости
само да ме сакаш.

Ќе ги поткупам сите човечки сетила и патила.
Сите светлосни преѓи пресијазол ќе ги врзам,
сите денови и ноќи на својот почеток ќе ги вратам,
ќе ти дадам се што е солено и молено
само да ме сакаш.

Ќе спијам во движење, сенката своја ќе ја прескокам
ќе ги затнам сите извори, се што гори ќе отворам.
Ќе направам да не се знае кај е лево и десно,
ќе ти наберам ѕвезди, ќе ти влепам шлаканица
само да ме сакаш.

Ќе ги шпионирам сите крадци на твоите часови.
Ќе ги исфрлам од употреба страните на светот
и светот, по црна ноќ, одмижанка ќе го истрчам
и ќе те фалам и кудам под сите небеса
само да ме сакаш.

Кај ќе стасам ќе разделам топло од студено,
на шеќерот ќе му забранам да се споредува со тебе,
не ќе оставам растојание што ќе биде меѓу нас,
со ова што го велам и слепо и глуво ќе исцелам
само да ме сакаш.

Петре М. Андреевски

loading...