Убави книги и филмови

Предлог три книги за убав ден

За денес одбравме три нови, интересни и супер возбудливи книги кои ќе го задржат вашето внимание, книги кои вредат да бидат прочитани.

Три желби (Лијан Моријарти) Три желби“ е бестселер на „Њујорк тајмс“ и е првиот роман на Лијан Моријарти. Лин, Кет и Џема Кетл, прекрасни триесет и тригодишни тројни близначки, се чини го привлекуваат вниманието каде и да се појават. Кога се заедно, се чини како постојано да ги следат смеата и драмата, но, со тоа, тука се и неволите, додека секоја посебно си води и своја битка со личните подеми и падови. Лин си го организира животот според еден голем список што си го прави самата, Кет дознава вчудовидувачка тајна за нејзиниот брак, а Џема, која ја прекинува секоја врска кога ќе дојде до шестиот месец, конечно почнува да се надева на трајна љубов. Во овој умно напишан и духовит роман, ги следиме сестрите Кетл низ нивната бурна триесет и трета година во нивниот вител од ривалства и тајни, откритија и врски, неверни сопрузи и незамисливи одлуки и неверојатниот, но неретко и фрустрирачки живот што со себе го понесува тоа да си засекогаш дел од трио.

Опасна игра (Мери Арсова) Давид е обично момче кое живее монотон и здодевен живот. Има работа што ја мрази и свршеница во која се сомнева дека е вљубен.  Еден вообичаен мартовски ден, кој по ништо не навестува дека ќе биде пресуден во неговиот живот, случајно се среќава со Ева, неговата средношколска љубов. Таа е одамна преселена во Америка и омажена за богат американски бизнисмен. Оваа средба, што навидум почнува да се развива во тајна љубовна приказна, всушност, е многу опасна, промислена игра. Во својот дебитантски роман, Мери Арсова ни носи непредвидлив крими-трилер, маскиран под превезот на една наивна романса, наметнувајќи ги прашањата: Што ако немаме избор? Што ако мораме да го промениме својот живот целосно, за да преживееме? За да ги заштитиме своите најмили?  Токму овој роман ќе ни покаже што сè сме подготвени да направиме, кога животот ни задава удари и нè остава да се бориме потполно сами.

Седумте мажи на Евелин Хуго (Тејлор Џенкинс Рејд) Возрасната и повлечена холивудска филмска икона Евелин Хуго конечно е подготвена да ја каже вистината за нејзиниот гламурозен и скандалозен живот. Но, кога за тоа ќе ја ангажира анонимната репортерка Моник Грант, никој не е поизненаден од самата Моник. Зошто неа? И зошто сега? Моник не е баш на врвот на светот. Сопругот ја напуштил, професионалниот живот ù е во ќор-сокак. И покрај тоа што не знае зошто Евелин ја избрала да ја напише нејзината биографија, Моник е решена да ја искористи можноста и да почне своја кариера. Моник е поканета во луксузниот апартман на Евелин, каде што фасцинирано слуша додека актерката ù ја раскажува нејзината приказна. Од пробивот во Лос Анџелес во педесеттите до нејзината одлука да го напушти шоу-бизнисот во осумдесеттите години и, секако, седумте сопрузи попатно, Евелин раскажува приказна за безмилосни амбиции, неочекувано пријателство и голема забранета љубов. Моник почнува да чувствува вистинска поврзаност со легендарната ѕвезда, но како приказната на Евелин се приближува кон крајот, станува јасно дека нејзиниот живот се испреплетува со оној на Моник на трагичен и неповратен начин.

Поврзани статии

Back to top button