Добив отказ од работа, сопругот ме остави…

Навидум мојот живот пред несреќата мислев дека е нормален, да не речам совршен. Имав сериозна врска која прерасна во брак. Неколку пријателки и пријатели за кои го жртвував своето време само да им угодам на нив. Спортував и уживав во животот полн предизвици. Се беше во ред додека јас имав време, живци и сила за сите нив. Им глумев психијатар во четири часот наутро. На сопругот му бев најголема потпора во најтешките моменти од неговиот живот. Кога се збогуваше со татко му неговата болка ја делеше со мене. Не јадеше, не пиеше, едноставно само вегетираше. Во тие моменти јас живеев тажно исто како него. На секој можен начин јас се обидував да му олеснам. Знаев дека таа болка за загубен родител не поминува и гледав само како да ја намалам. Му угодував и на него и на најблиските, им ги лечев раните кои секојдневието ни ги создава на сите. Нивната среќа ме правеше и мене среќна. Сакав да живееме во разбирање и мир, и спремна бев се да направам. Но, не е се во животот како што планираме. Некогаш се случуваат работи на кои не ни помислуваме. Враќајки се од работа, додека на зелено светло поминував на пешачки премин осетив силен удар како никогаш порано. На тој удар само се сеќавам. Следно што паметам е мајка ми расплакана седи до мене на болничкиот кревет и ми вели дека се ќе биде добро. Но, не беше. Јас од болницата излегов во инвалидска количка. За мене тоа беше нешто непознато. Мојот жив карактер во тој момент како да замре. Требаше да се збогувам со животот пред несреќата. Да заборавам на пливањето, на возењето велосипед и на чувството дека се можам сама. Веќе скоро ништо јас не можам сама. Добив отказ од работа, сопругот ме остави, а пријателите за кои ќе го дадев животот веќе ни на телефон немаат време да разговараат со мене. Се чувствував како да имам заразна болест, а не неподвижни нозе. Животот ми се преврте наопаку, ама јас имам сила да живеам. Имам желба да го дочекам жива секое наредно утро. Секој ден му се заблагодарувам на Господ што останав жива. Се е навика си велам и на овој начин на живот јас ќе се навикнам. Со рацете ќе творам дупло повеќе од што со нозете одев некогаш, а умот нека ми остане чист, душата искрена и мека. Сакајте го Господ, што и да ви подари во животот има зошто е тоа така. Светлината доаѓа од внатре, од вас самите зависи. Вашите плеќи се доволно силни се да издржат!

loading...