Убави книги и филмови

Се двоумите која книга да ја прочитате?

И денеска за вас одвоивме три предлог книги за убав ден.

Приказна на една мајка (Аманда Провс) Животот на Џесика тече подобро од сите нејзини очекувања и замисли. Таа си ја добива свадбата од соништата, го има совршениот маж, адвокатот Метју, и заедно купуваат прекрасна, скапа куќа во преубава населба. Најдоброто од сè е тоа што по само неколку месеци, чекаат дете. Додека ја уредуваат детската соба и купуваат бебешки работи, таа упорно ја чека радоста што треба да ја донесе мајчинството. Но искуството на Џесика е далеку од радосно и убаво. Зошто не ја трансформираат мајчински чувства? Каде е сè што треба да дојде – каде е таа инстантна љубов што треба да ја чувствува за нејзиното дете? Никој ја нема предупредено дека да бидеш мајка може да биде страшно и извор на нездрава осаменост. Никој ѝ нема кажано дека не сите жени ги сакаат своите бебиња. Можеби е најдобро Џесика сега засега да си ја чува оваа тајна за себе…

Скулптор на смртта (Крис Картер) Една млада негувателка е доживотно трауматизирана кога го наоѓа својот пациент, јавниот обвинител Николсон, брутално убиен во неговиот кревет. Самиот чин делува апсурдно – Николсон имал рак во терминална фаза и му останувале само уште неколку недели живот. Но она што најмногу го шокира детективот Роберт Хантер е „уметничкото дело“ што убиецот го има оставено зад себе на местото на злосторството. Хантер не се сомнева дека убиецот се обидува да комуницира со полицијата, но методот што го има одбрано е крајно необичен – нешто што Хантер го нема сретнато никогаш во својата кариера. И никако не може да разбере која би можела да биде скриената порака. Токму кога Хантер и неговиот партнер Гарсија сметаат дека пронаоѓаат добра трага, се појавува и ново тело – и ново „уметничко дело“. Но не можат да пронајдат поврзаност помеѓу првата и втората жртва, па упорно тапкаат во место. Хантер е во трка со времето и со Скулпторот на смртта, кој пак се подготвува за последните финеси на своето ремек дело.

Кери (Стивен Кинг) Кери Вајт не е обична девојка. Таа има дар. Може да поместува предмети со нејзиниот ум. Вратите се заклучуваат. Светилките паѓаат. Поканата од Томи Рос на матурската вечер за Кери е исполнување на сонот – прв чекор кон влез во средношколското друштво. Сѐ додека неочекуваната суровост не го претвори нејзиниот дар во оружје на хорор и деструкција кои никој никогаш нема да ги заборави.

Поврзани статии

Back to top button