Убави книги и филмови

Книги кои ќе ви ги размрдаат мислите и ќе ви предизвикаат воздишки

И денешниот предлог три книги за убав ден се книги кои ќе ве остават без здив, ќе ви ги размрдаат мислите и ќе ви предизвикаат воздишки.

Те молам, внимавај на мама (Кјонг-Сук Шин) Секој има потреба од својата мајка, без разлика кој е и колку години има…Парк Со-нјо, мајка на пет возрасни деца, доаѓа во Сеул да ги посети. Но, на преполната железничка станица, ѝ се губи секаква трага. Од перспектива на ќерката, најстариот син, сопругот, но и самата Со-нјо, ја разоткриваме сложеноста на меѓучовечките односи и ја запознаваме жената што целото свое постоење, без оглед на скриените желби и копнежи, се посветила само на децата. Четири приказни и четири перспективи – загуба, бес, вина и жртвување – ни откриваат вител од чувства што испливуваат по таинственото исчезнување на една мајка и жена. Но, ова не е приказна за една мајка, туку за многу мајки што повеќе се „наши“ одошто „свои“, за жените чиј живот се крунисува кога семејните нишки се олабавуваат, а децата тргнуваат по своите патишта.Некои книги имаат моќ да нѐ менуваат, да го променат начинот на кој се доживуваме себеси и начинот на кој се однесуваме кон најблиските. „Те молам, внимавај на мама“ е една од тие книги. Таа може да ни послужи како опомена дека важните личности во нашиот живот не треба да ги земаме здраво за готово, таа предизвикува дури и непријатни спомени, вина и тага, не стресува до срж. Оваа книга претставува праг: кога еднаш ќе го поминеме, веќе нема да бидеме исти.

Семејството на Симон (Маријане Фредриксон) Уште во своето детство, Симон Ларсон имаше чувство дека нешто од неговото минатото не се совпаѓа. Пространото море што ги удира шведските брегови му буди чувство на осаменост и потреба за конекција и слобода. Но слобода од што? И зошто Симон се чувствува толку осамено кога има прекрасно семејство што го сака? Неговата мајка, Карин, е глава на куќата, и личност која секогаш е подготвена да помогне. Ерик, татко му, живее за едноставниот сон, еден ден да има бродоградилиште. Историјата ги присилила овие луѓе да кријат страшна тајна од Симон – еден ден, ако тајната се открие, може да ги уништи нивните животи.
Додека Втората светска војна фрла сенка на Европа, а Ерик го регрутираат во борба, Симон склопува необично пријателство со неговиот соученик, евреинот Исак Лентов. Ова пријателство засекогаш ќе ги промени нивните животи и ќе ги спои нивните семејства изложени на срам, предавство, војна и лудило. Но нештата се менуваат и никој нема да остане ист…

Кога месечината е ниско (Надија Хашими) Воодушевувачки, застрашувачки и триумфално, „Кога месечината е ниско“ ја следи одисејата на една храбра Авганистанка во спасувањето на нејзиното семејство. 
Во Кабул се сретнуваме со Фереиба, учителка која зад себе го остава проблематичното детство наоѓајќи љубов во договорениот брак. Но, удобниот живот на Фереиба се разурнува кога Талибанците доаѓаат на власт и нејзиното семејство станува мета на новиот фундаменталистички режим. Принудена да избега со своите три деца, Фереиба има една надеж за опстанок: да побара засолниште во семејството на својата сестра во Лондон. 
Патувајќи со фалсификувани документи и зависејќи од добрината на непознати луѓе, Фереиба и децата го започнуваат своето измачувачко патешествие како бегалци. Во тајниот свет на илегалците кои живеат на улиците на европските градови, нивната судбина доживува застрашувачки пресврт кога синот на Фереиба, тинејџерот Салим, се одделува од остатокот од семејството. 
Со скршено срце, Фереиба нема друг избор освен да продолжи понатаму со својата ќерка и со бебето – но мајката и синот ќе ги преминуваат опасните граници една по друга, ризикувајќи ги своите животи, во надеж дека ќе најдат место каде што ќе можат повторно да се обединат.

Поврзани статии

Back to top button