Јован Илиески: Овде секое улично куче е најадено и луѓе плачат, се смеат, се гушкаат на Босфор..

Овде се јаде како луд, се тргува, се краде. Овде се чува традицијата, се прават баклави, се дише морски воздух. Овде светот се дели на сите култури, град на два континенти и ги дели само еден мост. Азија го носи современиот свет, Европа – ориентот. Тука се јаде кадаиф за сите пари или бесплатно. Овде улиците наликуваат и на Мароко и на Париз во исто време. Овде локумот е секое утро свеж и угостителите се неуморно нападни. Овде мачките се питоми и не се гладни. Овде морето е секојдневие. Овде уште се зборува за султани и како биле покорни на жената. Овде златото е како леб, го има секаде. Мириса на историја, на мир и војна и глава се лечи со чај. Овде шербетот има различна магија, овде се пешачи без крај. Овде можеш да се изгубиш и да ти биде пријатно. Овде жената е обожувана и чувана. Овде шаренилото е клучно. Град на две мориња, град на разнобојна клима. Овде секое улично куче е најадено и луѓе плачат, се смеат, се гушкаат на Босфор
Овде се живее модерно, а се држи цврсто до Отоманската догма. Овде се знае за љубов, овде се’ уште се љуби како Хурем и уште по ѕидовите на храмовите се оцртуваат интригите од харемите. Овде палатите и сараите пловат над вода, има див сообраќај и бродови благо се судираат. Овде автобусите и метроата се преполни, а не значат ништо, затоа што луѓе пеш одат да го доживеат градот. Кога ќе погледнеш нагоре во куполата се чувствуваш како ситна конкубина во споредба со градбата. Волшебен е Топкапи сарајот, додека не сфатиш дека тоа е само ситен дел од цело културно богатство. Овде мириса на риба и школки, неподносливо, на брегот, но месечината над Босфор свети посилно од дневното сонце. Волшебен Истанбул!
Автор: Јован Илиески 
Advertisements