Убави дестинации

Анастасија од Струмица ја раскажа својата авантура – Македонија е возбудливо доживување!

Јас како личност секогаш сум си давала шанса да излезам од границите на државата, и да посетам некое ново место. Пред една година размислувајќи која да биде следна дестинација за нова авантура, се одлучив за ,,Македонија’’.

Авантура.. тоa е едно возбудливо доживување. Секое утро е нова можност да го направите денот поубав, поинтересен, позабавен. Јас и партнерот одлучивме нашата авантура, нашето патување да биде со греб мапата од ,,viatorum.mk’’.

Се запрашав од каде ли да почнеме.. на мапата се одбележани вкупно сто дваесет и две локаци,од кои ние имавме посетено некаде околу дваесетина, па веднаш се фативме за работа и ги изгребавме.. Почнавме со Тиквешко езеро, Стоби,Росоман и секој нареден ден ни беше нов предизвик… Понеделнички како и сите,и јас се фатив за работа,правев план за следно ново патување. Искрено не ми требаше долго време за размислување. За два дена имав направено план кој места ќе ги посетиме, каде ќе ги минуваме ноќите, каква облека ни треба поради променливото време… и по неколку дена почна патувањето низ Македонија.

Четврток, убав топол сончев ден, се упативме кон Прилеп, таму ја поминавме ноќта и утредента рано сабајле тргнавме на пат. Заминавме кон Ресен, првото кафе го пиевме во Претор,а доручкувавме покрај езеро во Отешево. Оттаму преку Национален парк Галичица, Вевчански извори, Дебарско езеро, манастирот во Рајчица, Елен скок па се до Село Гари. Во Гари пристигнавме и се сместивме во дворот на селската црква, ноќта ја поминавме во шатор. Рано наутро се издигна сонцето над селото и беше причина денот да ни започне уште во шест часот наутро. Сабота, денот го искористивме за прошетка во Гари и Лазарополе, а потоа ноќта ја поминавме во манастирот Св. Јован Бигорски. И, тоа не беше се. Не чекаше и Галичник со најубавите млечни производи и прекрасниот поглед. Па после толку многу видени убавини си рековме како да застанеме, Мермерното езеро, манастирот Трескавец, Зрзе беа уште неколкуте локации за нашето патување да трае до Понеделник. Тогаш сватив колку е убава нашата Македонија, секое парче земја крие своја приказна. Секој нареден викенд го минувавме во откривање на нови места.. Македонија не е само Охрид и Маврово, Македонија е, и Куклица кај Кратово, Берово, Пехчевски водопади, Колешински водопади, Царево кули, Битола, Кожуф, Крушево, островот Голем град и уште безброј други места.

Ние за една година успеавме да прошетаме деведесет и шест различни места од мапата и многу други кој случајно ги откривме. Затоа да го искористиме секој миг од животот, секој момент кој ни се дава за патување. Сакајте ја, и негувајте го ова мало парче земја кое крие многу убавини. Македонија е држава која крие свои тајни, свои чуда. Пробудете се и откријте го она што го чува нашата држава.

Анастасија 22 год Струмица

Испратете и Вие ваш текст на info@ubavo.mk 

Поврзани статии

Back to top button